Со светлосни перформанси, светлечки инсталации и видео проекции со најсилните стихови од македонска поезија и музика и со цитати на дејци кои силно се врежани во меморијата на македонската култура и идентитет Македонија го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик. Повеќе важни јавни локации и објекти низ државата се претопија во духот на македонскиот јазик и кирилицата.
Годинава одбележувањето е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското писмо во секојдневната електронска комуникација, особено преку мобилните уреди.
Македонскиот јазик и дел од најубавите стихови на овој јазик и на кирилица ги осветлија македонското Собрание, скопското Кале, Самоиловата тврдина во Охрид, Спомен куќата на Блаже Конески во Небрегово, Офицерскиот дом во Битола, Гимназијата Јане Сандански во Струмица, Црквата Свети Никола во Крушево и Спомен Костурница во Велес. За прикажувањето на македонскиот јазик и кирилицата низ светлечките перформанси организацијата е на Министерството за култура.
За министерката за култура, радува сѐ она што се прави за македонскиот јазик. Костадиновска Стојчевска потенцира дека е неопходно и во идинина одговорно да го негуваме јазикот.
„Денес се радуваме на сѐ што правиме за македонскиот јазик. Тоа ни дава сила за уште од утре да продолжиме уште повеќе да го чуваме, учиме и промовираме“, порача министерката за култура.
За претседателот на државата, Стево Пендаровски, пак 5 Мај – Денот на македонскиот јазик е семето на македонската држава.
„Денеска, го чествуваме 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, заштитникот на нашиот идентитет, сегашност и иднина, коренот на нашето битие, ден кога ја славиме нашата посебност. Денеска оддаваме почит на македонскиот јазик, кој е чувар на нашата колективна меморија, вечниот паметник на нашето постоење и лингвистичка гордост“, потенцираше Пендаровски.
По повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, честитка упати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.
„Македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство. За прв пат, со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен“, вели премиерот Ковачевски во честитката упатена до Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Тој потенцира дека како надополнување на досегашните активности, Владата на Република Северна Македонија иницира донесување на нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и востановување на нова државна награда за оддавање признание на високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, којашто се предлага да го носи името на нашиот великан Блаже Конески.
Одбележувањето на Денот на македонскиот јазик помина и со панел дискусија на која вицепремиерот Бојан Маричиќ посочи дека јазикот ќе го одржиме жив ако го користиме, ако на него пишуваме и ако го негуваме, укажувајќи дека во Европската Унија јазикот е дел од идентитетот, и се негува како вредност.
„Токму затоа инсистираме на тоа дека во процесот на зачленување кон Европската Унија дека мора јазикот да ни биде заштитен, бидејќи не пристапуваме кон некои анахрони, застарени унии од минатото, туку баш кон Европската Унија, којашто е врв на почитување на различностите. Успеавме да го вметнеме во преговарачката рамка како јазик на кој се преведува европското законодавство и на кој се потпишуваат договорите со ЕУ и водат преговорите со ЕУ“, додаде Маричиќ.
Инаку Денот на македонскиот јазик е прогласен во чест на 5 мај 1945 година кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Денот 5 мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“ на 130. седница на Владата, одржана на 16 април 2019 година.