На денешен ден, 13 мај 1990 година, пред 35 години во Загреб се случи масовна тепачка меѓу навивачите и полицијата на фудбалскиот натпревар помеѓу загрепски Динамо и белградска Црвена Ѕвезда.
Многумина од тогашните современици на овие простори, токму овој голем инцидент го сметаат и како неофицијален почеток на крвавите војни за распад на Југославија.
Но во сиот тој хаос, еден детал и ден денес е врежан во колективната меморија на Хрватска.
Додека навивачите на Динамо влетуваа на теренот, а полицијата панично интервенираше, тогашниот млад и перспективен фудбалер на Динамо, Звонимир Бобан со карате удар удри полицаец во градниот кош.
Години подоцна нападнатиот полицаец Рафик Ахметовиќ, ја прераскажа целата ситуација.
„Видов од десната страна, Бобан веќе беше во воздух. Ме удри со колената и рацете. Колената ми се најдоа помеѓу ребрата и десното рам, па се сопнав и паднав. Веднаш станав и видов дека не сум повреден. Да бев повреден, веројатно ќе беше трагедија. Подобро што не дојде до тоа. Тој повторно отиде кон мене. Во тој момент реагираше тренерот на Динамо, Јосип Куже. Нека му се заблагодари. Ако повторно се вратеше, ќе имаше употреба на огнено оружје. Кога ја облеков униформата, бидејќи кошулата ми беше извлечена од панталоните, колегите ме наговараа да го убијам одзади. Јас не го направив тоа. Ме наговараа цело време се додека Куже не го изведе кон соблекувалната. Реков, ако сакаш да пукаш, пукај, имаш свој пиштол, јас нема да пукам – рече Ахметовиќ.
Инаку, американскиот сервис CNN овој натпревар го има издвоено како еден од петте спортски натпревари кои го промениле светот.