„2018-та година, како и многу млади луѓе тогаш, почувствувавме дека ѝ недостига свежина на електронската сцена во Македонија. Сè започна од фина инспирација и многу љубов кон музиката и уметноста. Се дружевме, споделувавме идеи, слушавме музика, одевме по разни настани и во еден момент едноставно решивме дека – сега е моментот“, раскажува Дејан Талевски.
Основана во 2020 година, Pirka уште од самиот почеток функционира како повеќе од класична музичка етикета. Таа се развива како културна платформа и заедница во која современиот електронски звук се вкрстува со визуелната уметност, просторот и колективното творештво, градејќи автентичен идентитет што постепено добива и меѓународна видливост.
Под водство на основачите Благој Рамбабов, Дејан Талевски и Иван Даутовски, Pirka изгради препознатлив музички екосистем базиран на DIY етика, експериментирање и силна поврзаност со локалната и глобалната сцена.
Во разговор за „Трн“, Дејан зборува за патот од спонтан ентузијазам и пријателски дружења до платформа што денес ги спојува електронската музика, визуелната уметност и просторот, но и за предизвиците и потенцијалот на независната електронска сцена од Македонија во обидот да се пробие кон поширока, меѓународна публика.
ТРН: Како дојде до идејата да основате етикета и кој беше вашиот првичен сон – што сакавте Pirka да стане?
PIRKA: Генералната идеја тргна од еден поединец од сегашната екипа кој привчно работеше на идеа со други слично мисленици со кои поради различни вкусови не се оствари проектот. По многу кратко време идејата почна да се споделува со најблиските другари, еден по еден (сите со различна позадина но иста пасија – уметност) каде што релативно на сите им се допадна и сите имаа да додадат нешто интересно. Од таму, со повеќе умови се создаде првата и генерална идеа за Пирка а тоа беше live-stream на настапи (не само електронска музика туку и алтернативни бендови) кои ќе бидат спроведени на “недостапни” природни локации ширум Македонија. Целта беше да се промовира музика, уметност и природа. За оваа цел ни требаше огромен тим кој што исто така за релативно брзо време го споивме бидејќи како први во Македонија беше многу интересно и привлечно и за нив.
Пирка никогаш немала и нема точна форма па затоа сите поединци кои учествуваа во проектот, без разлика дали како настапувачи или дел од продукцискиот тим, додаваа интересни идеи и ние секогаш се адаптиравме. Од таму после многу брзо време ја создадовме Клубтура, која во превод е Клубска Култура, и со неа почнавме да правиме специфични настани на кои целта покрај електронската музика промовиравме и уметност односно инсталации на самите настани. Клубовите никогаш не изгледаа исто како во нормалните вечери. Така природно, од самиот спој на музика и уметност после кратко време сфативме дека дефинитивно го живееме тоа и дека сме доволно зрели да отвориме етикета.
Екипата константно се надополнуваше со нови ентузијасти, се ширеа идеи па дури едно време имавме и оддел кој работеше како видео продукција за создавање на специфични реклами, спотови итн. Исто така, подлго време имавме и веб страна со сите стримови и проекти која имаше онлајн радио 24/7 што беше многу кул и вредно да се спомне.
Моментално, за жал, live-stream одделот не функционира поради тоа што никогаш не добивме никаква поддршка а работевме од љубов и ентузијазам, екипата беше голема, од продукција, логистика до камери, агрегати, звук, светло, стрим мајстор и тн. што придонесе да застанеме затоа што не беше повеќе оддржливо.
Како и да е, Пирка како етикета и Клубтура која е суб гранка на Пирка сеуште функционираат и сме многу среќни за тоа како почнавме, што се направивме до сега, каде сме моментално и нормално, што се следи во наредните години.

ТРН: Pirka не е само музичка етикета, туку платформа каде се спојуваат музика, визуелна уметност и простор. Од каде произлезе таа визија и зошто ви беше важно да одите подалеку од класичното издавање музика?
PIRKA: Пирка никогаш не беше замислена како бинарна музичка етикета, туку како колективен организам. Јадрото на нашиот тим отсекогаш пулсирало со креативци од различни дисциплини, каде музиката се појави како гравитациска сила што нè држи заедно.
Таа мултидисциплинарност беше видлива уште во нашите рани видео стримови, тоа не беа само DJ сетови или перформанс на бенд, туку аудио-визуелни експерименти каде се испреплетуваа фотографија, камера, илустрација, па дури и перформативни уметности како жонглирање со оган. Сакавме да создадеме спој на повеќе сетила.
Кога преминавме на организација на настани, нашата цел не беше само да направиме журка, туку да го реконтекстуализираме просторот. Сакавме да создадеме момент кога редовниот посетител влегува во познат локал, но се чувствува како да зачекорил во нешто непознато.
Финансиските ограничувања, иронично, се претворија во нашата најголема естетска предност. Тој DIY (Do-It-Yourself) етос нè принуди да гледаме подалеку од очигледното – користејќи рециклирани и достапни материјали, создадовме сурова, органска и искрена визуелна приказна која денес е препознатлив потпис на Пирка.
ТРН: Во изминатите години работевте со над 90 артисти и реализиравте дигитални и винил изданија, подкасти и компилации. Што беше најголемиот предизвик во тој раст, а што најјасната потврда дека сте на вистинскиот пат?
PIRKA: Најтешката бариера на почетокот беше да се пробие звучниот ѕид на анонимноста. Во индустрија која е хипер-продуктивна, најголемиот предизвик не беше само да се дојде до етаблирани артисти, туку да им се пренесе нашата визија со доволно интегритет за тие да ни ја доверат својата музика. Тоа бараше повеќе од преговарање; бараше јасна и бескомпромисна артикулација на тоа што Пирка сака да биде.
Тука, катализаторот беше нашата соработка со Tommy Vicari Jnr. Тој не беше само првото ‘големо име’ на нашиот каталог, туку стана еден вид на креативен сопатник низ нашата еволуција. Неговата постојана присутност, од ремикси, преку соло изданија, до траки за компилации – ни даде легитимитет кој беше пресуден во раната фаза.
Вистинската потврда дека ‘коцките се наместени’ дојде по две години, кога почнавме да добиваме фидбек директно од „терен“. Кога нашата музика почна да резонира на фестивалските подиуми и да добива поддршка од глобални имиња, знаевме дека сме создале релевантен музички екосистем. Тој момент ја промени дирекцијата на нашиот раст. Ако на почетокот ние бевме ‘ловците’ на звук, денес динамиката е сменета, артистите сами ни пристапуваат. Сега предизвикот е трансформиран во кураторска одговорност: како во морето од демо снимки да се одбере она што навистина го носи генетскиот код на Пирка.
ТРН: Колку беше тешко или ослободително да се гради електронска етикета од Македонија, регион што ретко се перцепира како центар за ваква музика?
PIRKA: Да се води етикета од Македонија е географски парадокс – тоа е во исто време нашиот најголем хендикеп и нашата најголема слобода.
Ослободително е затоа што оперираме на територија која е, условно кажано, tabula rasa. Конкуренцијата е мала, што ни даде простор да дефинираме сопствени правила на игра без да бидеме задушени од хипер-продукцијата карактеристична за западните метрополи. Се надеваме дека тој наш простор послужи како искра за новите колективи кои почнаа да ја менуваат локалната клима.
Но, тежината доаѓа од економијата на ентузијазмот. Пирка е изградена на грбот на ‘герила’ финансирање – од сопствени џебови и преку синергија со локали кои се вистински соборци за културата. Тука доаѓаме до горчливиот дел од равенката: корпоративното слепило. Големиот капитал и спонзорите во Македонија сè уште играат на картата на сигурноста, инвестирајќи астрономски суми во естраден кич и инстант-мејнстрим забава, додека авангардата останува невидлива за нивните радари. Тажно е, но тоа не изолираше во еден независен балон кој, иако финансиски скромен, е уметнички бескомпромисен

ТРН: Како денес ја гледате македонската електронска и андерграунд сцена – колку таа е квалитетна и колку успева да ги следи или интерпретира современите светски трендови во електронската музика ?
PIRKA: Секогаш имало и ќе има талентирани македонски музичари, без разлика на стилот музиката.
Имаме продуценти и диџеи чиј квалитет без проблем парира на светските стандарди, но тука се судираме со егзистенцијалниот филтер: фактот што музиката ретко може да биде примарна професија значи дека огромен дел од тој потенцијал останува нереализиран или се губи во борбата за опстанок.
Кога зборуваме за самата сцена, мораме да бидеме брутално искрени. Ако во минатото Скопје пулсираше во синхронизација со европските и светски метрополи и беше релевантна точка на мапата, денес сме сведоци на сериозно фазно доцнење. Ние не заостануваме само стилски, туку и инфраструктурно.
Причините за оваа деградација се системски. Од една страна, имаме институционална агресија врз ноќниот живот – прекумерната и честопати демонстративна полициска контрола ја убива самата есенција на клупската култура: чувството на слобода и сигурност. Од друга страна, постои апсолутен вакуум во државната стратегија за поддршка на современата уметност.
Што се однесува до следењето на светските трендови, ние сме во состојба на ‘културолошка изолација’ диктирана од економијата. Со нашите микро-буџети, невозможно е да се донесе кремот на актуелната светска сцена. Затоа, наместо да ги следиме трендовите во реално време, ние често сме принудени да ги рециклираме или да создаваме наша, херметички затворена реалност.
ТРН: Колку младата публика ја препознава Pirka и ваквиот тип електронска музика? Дали чувствувате дека се создава нова публика што бара подлабок, поавторски и некомерцијален музички простор?
PIRKA: Уште од самиот почеток, една од нашите примарни цели беше едукација – сакавме да ја запознаеме младата публика со звук што е суштински различен од она што се пласира преку мејнстрим каналите.
Свесни сме дека денешната генерација е исклучително визуелна, па нашиот постојан акцент на специфичниот визуелен идентитет одигра клучна улога во тој процес. Токму преку тој спој на слика и звук успеавме да допреме до младите луѓе кои имаат афинитет кон уметноста и кои бараат покомплексно искуство од обична забава.
Дефинитивно се чувствува формирање на нова публика која бара подлабок, поавторски израз. Нашата мисија останува доследна: како што организацијата расте, органски да го шириме кругот на нови, млади слушатели, но истовремено да го одржиме интересот на нашата база на досегашни следбеници преку постојано квалитетна и свежа содржина.

ТРН: Вашите настани често се одржуваат во природа или во специфични урбани простори. Колку просторот е клучен дел од искуството што сакате да го создадете и како различните локации ја менуваат емоцијата и динамиката во споредба со класичниот клубски формат?
PIRKA: За нас, локацијата никогаш не е случаен избор, туку е активен учесник во креирањето на настанот, подеднакво важен колку и самиот лајн-ап. Клубовите се секако нашата база и примарниот простор каде се чувствуваме најсигурни. Но, нашиот пристап таму е специфичен – не влегуваме во просторот само да пуштиме музика, туку да го ‘преоблечеме’. Тука доаѓаат до израз нашите инсталации и визуелни интервенции кои имаат за цел да ја скршат монотонијата на познатиот клубски амбиент и на публиката да ѝ понудат една нова, интимна димензија на веќе познато место.
Од друга страна, настаните во природа или на специфични урбани локации носат сосема поинаква енергија. Таму сме послободни, просторот дише, а динамиката е поекспанзивна. Тој контраст помеѓу контролираната, густа атмосфера во клубот и ширината на отворениот простор ни овозможува да истражуваме различни аспекти на нашата музичка селекција.
ТРН: Кои се вашите следни чекори? Дали ќе имате повеќе фокус на изданија, настани или меѓународни соработки и како ја замислувате Pirka во следните пет години?
PIRKA: Како тим, ние не оставаме работите на случајност – сакаме да бидеме неколку чекори понапред. Затоа, со задоволство можам да кажам дека нашиот издавачки план за 2026 година, вклучувајќи ги и дигиталните и винил изданијата, е веќе целосно подготвен и заклучен.
Оваа година одбележуваме значаен јубилеј – 5 години од издачката куќа. Оваа точка на зрелост планираме да ја прославиме со проширување на нашите активности надвор од македонските граници. Фокусот сега се префрла кон ‘извоз’ на нашето искуство преку организирање на showcase настани и соработки со сродни клубови и етикети, иницијално низ Европа.
Што се однесува до пошироката слика, статистиката ни открива еден интересен податок – нашата најголема и најлојална фан база всушност се наоѓа во Соединетите Американски Држави. Тоа природно ја наметнува амбицијата во блиска иднина да реализираме проекти и преку океанот.
За пет години, ја гледам Пирка како уште поцврсто етаблирана точка на светската мапа – со побогат каталог на винили, бескомпромисен квалитет и мост што успешно ја поврзува нашата креатива со глобалната публика.