Pirka: Пет години звук што го редефинира македонскиот андерграунд

Етикетата ја слави својата петгодишнина со деветчасовен музички настан во Скопје.

Пет години „Pirka“ – пет години визија што го издигна македонскиот андерграунд звук на глобалната електронска сцена. Основана во 2020 година, етикетата од самиот почеток функционира како повеќе од музички издавач: претставува културен центар, заедница и платформа каде современиот балкански звук доби нов идентитет и меѓународна видливост.

Под водство на основачите Благој Рамбабов, Дејан Талевски и Иван Даутовски, Pirka разви препознатлив и автентичен музички екосистем. Тие ја градат оваа приказна инспирирани од издавачките куќи како Excel, Artefact, Logos, Argumento и Tangible Assets – сцени кои, според нив, не беа само издавачи, туку места на кои се оформуваше вкус, идентитет и ориентација. Тоа наследство, велат тие, ја дефинирало основата врз која денес стои Pirka.

Во само пет години, етикетата прерасна во значајна регионална точка на средба за артисти што го предводат современиот електронски звук. Нивниот каталог ја вклучува работата на Varhat, Malin Genie, Janeret, Michael James, Franco Cinelli, Jorge Savoreti, Mikhu, Priku, Tripmastaz, Vincent Casanova и многу други – имиња што влијаат врз глобалната сцена, но и соработуваат со новите таленти од регионот. Со тоа, Pirka успева да го поврзе локалното со глобалното, да гради мост меѓу генерации и да создава простор во кој новиот звук добива различни форми и перспективи.

Продукциски, Pirka функционира како целосно формиран и иновативен издавачки систем: 40 дигитални изданија, 7 винили со оригинална музика, 7 винили со едити, 4 бесплатни компилации и подкаст-серија со над 40 епизоди, во која учествувале повеќе од 100 артисти од целиот свет. Овие бројки не се само статистика – тие ја раскажуваат приказната за колективна упорност, визија и музички развој што го надминува националниот предел.

Во сабота, 13 декември, во BKW Hybrid Bar и Клуб 1212, Pirka ќе ја прослави својата петгодишнина со специјална програма долга девет часа, на која ќе настапат: Dejan Dex, Dout, Sasho Uzun и Joss. Настанот претставува ретроспектива, но и нов почеток – потсетник дека модерната електронска сцена во Македонија расте, се поврзува и создава сопствена културна карта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни