Пирамидата во Тирана – најголем центар на дигитална технологија на Балканот

Познатото списание од областа на архитектурата „Dezeen” ја оцени трансформацијата на Пирамидата во Тирана како еден од 12-те најдобри архитектонски проекти во светот.

Со свечена и спектакуларна церемонија се означи отворањето на Пирамидата ТУМО во центарот на Тирана. За само неколку минути по отворањето најголем центар на дигитална технологија на Балканот се чинеше претесен за сите кои сакаа од блиску да го видат ова градежно и технолошко достигнување.

Пирамидата ТУМО од сега па натаму ќе важи место за развој на игри, анимации, кинематографија, веб дизајн, музика, пишување, цртање, графички дизајн, 3d моделирање, програмирање, роботика, графика, фотографија, нови медиуми.

Според проектот, Пирамидата е поделена на три дела, од кои едниот е наменет за наставата, друг дел за бизнис системи и еден сегмент за ИТ претприемачи каде многу од стартапите ќе тестираат производи.

За албанскиот премиер Еди Рама, пирамидата ќе биде срцето на Новата Албанија на иновациите, најголемата дестинација за дигитална технологија во регионот. Меѓу другото Рама потенцираше дека пирамидата, која е создадена за култот на еден човек, сега е ‘рбетот што ги носи сите овие луѓе.

„Целиот проектот за ревитализација на запуштената пирамида од комунистичкиот период предвидуваше целосна трансформација на објектот во мултифункционален центар, обезбедувајќи простор за младите и луѓето да се занимаваат со уметност, култура и креативна технологија. Пирамидата ТУМО ќе има и балкон, кој ќе служи како туристичка атракција поради панорамскиот поглед на градот, а воедно е замислен како цветна градина“, вели Рама во изјави за албанските медиуми.

Дека ваков објект одамна и требал на Албанија, но и воопшто на целиот регион посочува и Алдо Меркочи од движењето Mjaft.

„Нема друг простор во Тирана, ниту во Албанија што имал моќ да собере на едно место толку голем спектар и на историја и на култура. Ова е навистина уникатна и суштинска зграда што ја претставува трансформацијата на Тирана од комунизам во демократија, со фокус на развојни проекти за технологијата од иднината“, напиша на социјалните мрежи Меркочи.

Познатото списание од областа на архитектурата „Dezeen” ја оцени трансформацијата на Пирамидата во Тирана како еден од 12-те најдобри архитектонски проекти во светот.

Инаку објектот за прв пат е отворен на 14 октомври 1988 година, со првична цел како музеј на диктаторот Енвер Хоџа. Оваа градба беше дизајнирана како орлови крилја, симбол на самата нација, но видлива како таква само од птичја перспектива. Додека од гледна точка на минувач наликува на пирамида.

Овој центар финансиран од Владата, Општина Тирана и Американскиот фонд за развој, покрај другото ќе има 18 соби во кои младите ќе можат да учат за различни компјутерски програми, а во останатите 14 училници ќе се изучуваат природните науки.

Фотографии од процесот на реконструкцијата:

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни