„Не, јас немам проблем со пеги“, рече Пипи. Госпоѓата конечно разбра. Потоа случајно ја погледна Пипи и извика: „Но, драго дете, целото лице ти е покриено со пеги!“ „Точно“, рече Пипи. „Но, тие не ми пречат. Ми се допаѓаат! Добро утро!“
Пегите се бакнежи од сонцето, едно време беа и модерни а пегавите девојчиња се секогаш шармантни и помалку будалести.
Книгата „Пипи долгиот чорап“ од авторката Астрид Линдгрен оваа година слави јубилеј од 55 години. Таа беше лик кој требаше да ги урне стереотипите за женските ликови од книгите за деца. Таа не беше нежна, плашлива и грациозна како ликовите дотогаш, таа беше силна, храбра и не беше воопшто совршена. Имаше пеги, и згора на сѐ, си ги сакаше пегите. По оваа револуција во градењето на карактери во книгите, не се појави некој толку смел, освен можеби приказната за Шрек и Фиона кои исто така не презентираа површни работи, туку сакаа на децата да им го демистифицираат поимот за убаво.
Убавото се гледа секогаш со срцето и е невидливо за очите. Малиот принц знаел во кој правец оди светот и затоа изнел голема вистина пред 81 година. А литературата како дел од културата се сметало дека може да изврши најголемо влијание врз општеството и вредностите.
Со нејзините неусогласени чорапи, коса во боја на морков и лице со пеги, а да не зборуваме за суперчовечка сила и издржливост, Пипи Долгиот Чорап стана културна икона.
Пипи редовно се избира за еден од омилените детски ликови во светот; самодоволна, брза, дарежлива и никогаш не дозволувајќи ништо – или никого – да ја разниша нејзината самодоверба или да ја искористи предноста.
Нејзините обожаватели варираат од астронаути и политичари до Мадона, Лејди Гага, Коко Рози, Кејтлин Моран, Ејми Полер, Меги О’Фарел и Хајао Мијазаки од студио Гибли. Нејзината бунтовничка природа го инспирираше и ликот на Лизбет Саландер во трилогијата Милениум на Стиг Ларсон.
Не е непозната за контракултурата, Пипи може да се види ширум светот на тетоважи, фотографии на познати личности, графити и на модните писти како симбол на женската сила, еластичност, љубезност, правичност и прифаќање.
Пипи Долгиот Чорап е најпознатиот од сите ликови на Астрид Линдгрен ширум светот, освен во Русија каде што победи Карлсон на покривот и во Полска и Чешка каде што најчитани се книгите за децата од Бучното село.
Пипи Долгиот Чорап е преведена на 78 различни јазици. На мандарински таа се нарекува 长袜子皮皮 и во многу земји не изгледа исто како во Шведска.
Приказната зад Пипи Долгиот Чорап
Целата приказна зад Пипи – како настана таа, кои беа изворите на инспирација на Астрид Линдгрен?
Ќерката на Астрид Линдгрен, Карин, беше болна во кревет и сакаше нејзината мајка да и раскаже приказна. „Кажи ми за Пипи долгиот чорап“, замоли таа и во тој момент Астрид го измисли она што требаше да стане еден од најпознатите ликови од светските детски книги. „Бидејќи името беше извонредно, мораше да биде извонредна девојка“, рече Астрид.
Што ја инспирираше Астрид кога ја напиша Пипи?
Имаше многу извори на инспирација за приказните за Пипи. Нејзината црвена коса и пеги, на пример, потекнуваат од една од училишните другарки на Карин. А можеби Астрид била инспирирана од една млада девојка која изнајмила вила едно лето во Фурусунд, каде што Астрид и нејзиното семејство имале викендица. Авторот Ленарт Хелсинг раскажа за оваа извонредна млада девојка која живеела во куќата наречена „Незавршената вила“. Таму живеела „со симболична вреќа златни монети“! Закупецот беше авантурист и имаше многу пеги. Понатаму, на верандата имала врзан коњ. Соседите што минуваа беа зачудени. Една од нив беше Астрид Линдгрен, која неколку години подоцна ќе почне да пишува книги – книги за девојка која има пеги, коњ и многу златници.