Пионерите во вештачката интелигенција ја добија Нобелова награда за физика

Иако компјутерите не можат да размислуваат, машините сега можат да имитираат функции како меморија и учење. Годинешните лауреати по физика помогнаа да се овозможи тоа

Џон Хопфилд и Џефри Хинтон, двајцата пионери во вештачката интелигенција, ја добија Нобелова награда за физика за „фундаменталните откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“, објави вчера Нобеловиот комитет.

Додека Хопфилд (91) создаде структура која може да складира и реконструира информации, Хинтон (76) измислил метод „кој може самостојно да открие својства во податоците што станале и кој станал важен за големите вештачки невронски мрежи што се користат сега“, наведува Комитетот во објаснувањето за одлуката за добитните.

„Иако компјутерите не можат да размислуваат, машините сега можат да имитираат функции како меморија и учење. Годинешните лауреати по физика помогнаа да се овозможи тоа“, се додава во соопштението.

Хинтон, кој е познат како кум на вештачката интелигенција, е канадско-британски државјанин кој работи на Универзитетот во Торонто, а Хопфилд е Американец кој работи во Принстон.

„Овогодишните двајца добитници на Нобеловата награда за физика користеа алатки од физиката за да развијат методи кои се основата на денешното моќно машинско учење“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет.

Елен Мунс, членка на Нобеловиот комитет во Кралската шведска академија на науките, рече дека двајцата лауреати „користеле фундаментални концепти од статистичката физика за да дизајнираат вештачки невронски мрежи кои функционираат како асоцијативни мемории и пронаоѓаат обрасци во големи збирки податоци“. Таа рече дека таквите мрежи се користени за унапредување на истражувањата во физиката и „исто така станаа дел од нашиот секојдневен живот, на пример во препознавањето на ликови и преводот на јазиците“.

Додека комитетот оддаде почит на науката што стои зад машинското учење и вештачката интелигенција, Мунс ја спомена и нејзината друга страна, велејќи дека „иако тоа носи огромни придобивки, брзиот развој на вештачката интелигенција, исто така, предизвикува загриженост за нашата иднина“.

„Луѓето ја носат одговорноста да ја користат оваа нова технологија на безбеден и етички начин за доброто на човештвото“, рече таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни