Пилотите на Луфтханза одат во штрајк: Откажувања и хаос на летовите

Пилотите на германската авиокомпанија Луфтханза најавија дводневен штрајк кој ќе започне на полноќ и ќе трае до вторник, што се очекува да предизвика сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај. Штрајкот, организиран од синдикатот Удружението Кокпит, ќе ги опфати и компаниите во рамки на групацијата, вклучувајќи ги CityLine и Eurowings.

Причината за протестот е незадоволството од тековните преговори за колективен договор, при што синдикатот тврди дека управата не понудила сериозно решение за барањата на пилотите. Претседателот на синдикатот, Андреас Пињеиро, порача дека штрајкот може да се избегне доколку компанијата излезе со подобра понуда.

Од друга страна, раководството на Луфтханза остро ја критикува одлуката, оценувајќи ја како непотребна ескалација и тврдејќи дека барањата на пилотите се нереални, особено во делот за значително зголемување на придонесите за пензиско осигурување. Дополнително, тензиите во компанијата се зголемуваат откако и кабинскиот персонал веќе одржа штрајк, што доведе до откажување на десетици летови.

Се очекува протестите да продолжат и во наредните денови, вклучително и најавено учество на пилотите на протест по повод 100-годишнината на компанијата во Франкфурт, каде ќе присуствува и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни