Пиколомини се враќа со нов албум – „Може и така, драги“

По шестгодишна пауза, македонскиот соло проект Пиколомини го промовира својот петти студиски албум со промоција во продавницата Ре:старт во ГТЦ, оваа сабота од 12 часот.

Шарла Рекордс оваа сабота организира отворена слушачка промоција на новиот албум на македонскиот соло проект Пиколомини – „Може и така, драги“. Настанот ќе се одржи на 26 октомври (сабота), со почеток од 12 часот, во музичката продавница Ре:старт во ГТЦ, Скопје.

По пауза од шест години, Пиколомини се враќа со петти студиски албум, создаден со прецизност, лирска зрелост и карактеристичен иронично-меланхоличен тон. Албумот претставува огледало на времето во кое живееме – со песни што флуидно преминуваат меѓу интимна интроспекција, романтични разговори со Скопје и критички осврт на општествената апатија.

„Може и така, драги“ не е само наслов, туку и прашање за нашата реалност, поставено во време на колективна збунетост и фрагментирани вистини. Со нежност, иронија и длабока лична рефлексија, Пиколомини создава албум што истовремено звучи познато и опасно современо.

Комплетен автор на материјалот и дизајнот на албумот е Давид Ангелевски, а пост-продукцијата ја потпишува Дејан Ангелевски во студиото Кларион. Албумот ќе биде издаден во ограничен тираж на компакт-диск (дигипак формат) и достапен за стриминг и симнување преку Bandcamp профилот на Шарла Рекордс.

Со новиот проект, Пиколомини ја продолжува традицијата на урбаната македонска алтернативна сцена, каде музиката останува единственото вистинско прибежиште за оние што одбиваат да се помират со сивилото на секојдневието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни