Најдобрите и најлошите пијалоци за здравјето на цревата, според гастроентеролози

Она што го пиеме секојдневно има директно и брзо влијание врз варењето и цревната микрофлора – некои пијалoци ја штитат, други сериозно ја нарушуваат.

Кога станува збор за здравјето на цревата, најчесто вниманието е насочено кон храната. Сепак, експертите предупредуваат дека пијалоците имаат подеднакво, а понекогаш и побрзо влијание врз дигестивниот систем. Течностите минуваат низ телото релативно брзо и речиси веднаш влијаат врз цревната слузница и бактериите што живеат во неа.

Според гастроентерологот Саураб Сети, секојдневните избори на пијалоци можат да ја поддржат цревната рамнотежа, но и сериозно да ја нарушат. Некои напитоци го поттикнуваат растот на „добрите“ бактерии, додека други создаваат услови за воспаленија, надуеност и дигестивни проблеми.

Пијалоци што најмногу им користат на цревата

Водата останува апсолутен број еден. Таа е неопходна за правилно варење, помага во разградувањето на храната, ја олеснува апсорпцијата на хранливите материи и спречува запек. Кога станува збор за здрави црева, водата нема вистинска конкуренција.

Веднаш по неа се наоѓа кефирот – ферментиран напиток богат со корисни бактерии и квасци. Кефирот содржи повеќе пробиотски соеви од јогуртот, што му дава посилен ефект врз варењето и имунолошкиот систем.

Билните чаеви, како оние од ѓумбир, нане или анасон, се познати со своето смирувачко дејство врз дигестивниот тракт. Тие ги опуштаат цревните мускули, го намалуваат чувството на надуеност и не содржат кофеин, што ги прави погодни за консумирање во текот на целиот ден.

Зелениот чај е уште еден добар избор. Богат е со антиоксиданси и содржи умерена количина кофеин што обично не го оптоварува варењето. Дополнително, може да го поттикне растот на корисните бактерии и да помогне во намалување на воспалителните процеси.

Интересно, црното кафе не мора нужно да биде непријател на цревата. Тоа може да го стимулира движењето на цревата и да помогне кај запек – но само ако се пие без шеќер, сирупи и тешки млечни додатоци. Во спротивно, неговите придобивки брзо исчезнуваат.

Пијолаци со кои треба да се биде умерен

Незасладеното млеко може да биде добар извор на калциум и протеини, но неговото влијание зависи од индивидуалната толеранција. Кај луѓето кои се нетолерантни на лактоза може да предизвика надуеност и непријатност.

Кокосовата вода добро хидрира и помага во надополнување на електролитите, особено по физичка активност. Сепак, таа содржи природни шеќери, па не треба да се консумира во големи количини.

Овошните сокови, иако често се сметаат за здрави, ја губат главната предност на овошјето – растителните влакна. Без нив, шеќерот побрзо се апсорбира, што може да доведе до нагли скокови на гликозата и послаб ефект врз варењето.

Најлош избор за здравјето на цревата

Диеталните газирани пијалаци често се доживуваат како „помалото зло“, но тоа е измамна претстава. Вештачките засладувачи што ги содржат можат негативно да влијаат врз цревната микрофлора и долгорочно да го нарушат дигестивното здравје.

На самиот крај од листата се засладените и енергетските пијалаци. Тие немаат речиси никаква нутритивна вредност, а големите количини шеќер ги хранат „лошите“ бактерии, поттикнуваат воспаленија и создаваат услови за различни дигестивни тегоби.

Пораката на гастроентеролозите е јасна: она што го пиеме е исто толку важно како и она што го јадеме. Често, наједноставниот избор – како водата или билниот чај – е и најдобриот за здравјето на цревата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни