Концерт по повод 30 години дипломатски односи помеѓу РС Македонија и Кралството Шпанија на 4 јуни, во 20 часот, ќе се одржи во Камерната сала на НУ Филхармонија. На концертот ќе настапи пијанистот Дино Имери заедно со камерниот оркестар „ID Chamber Orchestra“ под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска.
Концертот е во организација на Амбасадата на Кралството Шпанија во РС Македонија, а на програмата се дела од шпански и македонски композитори, како Томислав Зографски (Суита за пијано), Мануел де Фаља („Ритуалниот танц крај огнот“), Фредерик Момпу („Песни и танци“ бр.3 и „Младите девојки во градината“), Вања Ѓумар Николовски („Macedance“), Дијана Имери Илкоска („Корени“ за виолина и пијано со солистот Бојан Илкоски, виолина), Исак Албениц (Шпанска рапсодија за пијано и оркестар со аранжман на Д. Имери Илкоска) и Дамир Имери („Пајдушко“).
– Секој ден одново и одново ме изненадува нивото до кое самите ние не си ги цениме нашите уметници и нивните дела. Спремни сме да преплатиме и да воздигнеме третокласни уметници од странство, само да не си признаеме дека и тука има луѓе кои вредат и кои треба да се поддржат – истакна Дино Имери во едно од своите интервјуа за „Културен печат“.
Еден од најреномираните и најталентирани македонски пијанисти Дино Имери и камерниот оркестар „ID Chamber Orchestra“ ќе настапат под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска.
– Културата и уметноста се најголемиот одраз на една држава и општество, па оттука со гордост би рекла дека Македонија навистина има со што да се носи рамо до рамо со светските земји и нивното културно наследство, кое историски и традициски датира од многу поодамна. Мене како диригент и музичар ќе ми биде голема чест и ми ласка што на 4 јуни ќе бидам дел од богатата ризница на музички дела, во кои ќе прозвучат звуците на фламенко, андалузискиот звучен пејзаж, заносната малагења, како и карактеристичните звуци и ритам на Пајдушкото оро, македонската езгија, македонската народна песна како своевидно „bel canto“, но и интересна музичка фузија на барокната форма и израз низ призма на македонската современа композиторска школа – истакнува диригентката Дијана Имери Илкоска.