Фестивалот ќе им понуди на посетителите дегустација на над 80 етикети виски од различни светски дестилерии, вклучувајќи американски бурбони, шкотско, ирско и јапонско виски, како и мастер класови водени од интернационални виски амбасадори. Покрај виски, посетителите ќе имаат можност да уживаат и во комплементарни брендови кои ќе ги разбудат нивните сетила.
Фестивалот го посетуваат луѓе кои следат урбани и културни настани, професионалци од HoReCa секторот и бизнис заедницата, но и оние кои сакаат да го збогатат своето секојдневие со незаборавни искуства.
Петтото издание ја продолжува традицијата на поддршка на виски културата во Македонија, со акцент на едукација, одржливост и хуманитарен карактер – хуманитарната аукција со отворени виски флаши се насочува кон поддршка на социјално загрозени категории.
Во текот на трите фестивалски дена, програмата е збогатена со внимателно одбрана музичка програма за да задоволи повеќе вкусови во различните денови. Ќе настапат: Полина и нејзините танчери, “South Park” и “Why Not”, диџеj Салтиров, и Dj Funkin Blue од Белград. За прв пат на фестивалот посетителите ќе уживаат во стендап шоу – “Стручњак за виски” на актуелниот комичар Никола-Ниџо.
Мастер класовите се клучен дел од образовниот сегмент на фестивалот и ќе ги водат интернационални амбасадори на виски од Полска и Романија.
Фестивалот ќе биде вистинско уживање за сите хедонисти и љубители на виски, со комбинација од забава, учење и врвна дегустација.