Петте најдобри филмови на Роб Рајнер

Филмската јавност се простува од еден од највлијателните холивудски режисери, Роб Рајнер, кој почина минатиот викенд заедно со својата сопруга.

Неговата кариера опфаќа различни жанрови и низа остварувања што трајно го обележаа современиот филм. Ова се петте филмови што најјасно го дефинираат неговото творештво и наследство.

„This Is Spinal Tap“ (1984)
Ретки се режисерите кои со својот прв долгометражен филм успеале целосно да го променат текот на филмската комедија, но токму тоа го направи Рајнер со овој легендарен мокументарец. Филмот ја следи катастрофалната американска турнеја на една измислена британска рок-група и со прецизна сатира ги погодува клишеата на музичката индустрија. Речиси целосно импровизиран, филмот создаде култни реплики и стана задолжително „градиво“ за музичарите ширум светот. Рајнер се појавува и како напорниот документарист Марти Ди Берги, а оваа година беше објавен и продолжетокот „The End Continues“.

 When Harry Met Sally (1989)
Периодот меѓу 1984 и 1992 година претставува исклучителна низа успеси во кариерата на Рајнер. Овој филм е еден од најдобрите примери за неговата умешност. Били Кристал и Мег Рајан играат два лика кои со години кружат еден околу друг, преиспитувајќи дали маж и жена можат да бидат само пријатели. Со брилијантното сценарио на Нора Ефрон, одличната глума и искрените емоции, филмот останува еден од најдобрите романтични филмови на сите времиња.

The Princess Bride (1987)
Овој филм најдобро го отсликува режисерскиот пристап на Рајнер. Наместо наметлив визуелен стил, тој се фокусираше на силни сценарија и на извлекување максимум од актерите. Во соработка со сценаристот Вилијам Голдман, создаде фантастичен свет исполнет со јунаштво, романса, одмазда и магија. Со незаборавни ликови и реплики, филмот и по речиси четири децении важи за едно од најзначајните семејни филмски остварувања.

A Few Good Men  (1992)
Со овој филм Рајнер направи јасен исчекор од комедијата и се насочи кон напната судска драма по сценарио на Арон Соркин. Приказната за млад адвокат кој се соочува со случај на сомнителни смртни случаи во армијата прераснува во длабока расправа за должноста, моралот и одговорноста. Легендарниот судир меѓу Том Круз и Џек Николсон, со култната реплика „Ја сакаш вистината“, останува еден од најнезаборавните моменти во историјата на холивудскиот филм.

Misery (1990)
Иако во неговата филмографија има и други значајни наслови, многумина сметаат дека „Misery“ најдобро ја покажува апсолутната контрола на Рајнер врз тонот на филмот. Заснован на делото на Стивен Кинг, филмот е истовремено хорор и мрачно духовита приказна за писател заробен од опсесивна обожавателка. Напнат, брутален и мајсторски изведен, „Мизери“ често се смета за едно од можните ремек-дела на неговата кариера.

Со овие филмови, Роб Рајнер остави длабока трага во Холивуд, докажувајќи дека разновидноста, добриот избор на сценарио и чувството за приказна се клучот за трајно филмско наследство.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни