Едногласната одлука на членовите на УНЕСКО наиде на одушевување кај австралиската Влада, а народот Мардудунера е пресреќен што ова античко место, кое се нарекува „Културна средина Мурујуга“, доби заслужено место на списокот на светско наследство.
Мурујуга, во регионот Пилбара, во северозападна Западна Австралија, има повеќе од милион петроглифи, од кои некои се стари 50.000 години. Овие петроглифи се наоѓаат на полуостров каде што се наоѓаат гасни постројки и постројки за производство на експлозиви, што открива многу чувствителна врска помеѓу зачувувањето на домородната абориџинска култура и економски виталните индустрии.

-Австралиската влада е посветена на зачувување на светското наследство и заштита на културните богатства на Првите народи. Ќе се погрижиме да го заштитиме ова извонредно место сега и да го зачуваме за идните генерации, рече министерот за животна средина Мареј Ват.
Во 2020 година, британската рударска компанија Рио Тинто уништи 46.000 години стари абориџински австралиски засолништа во кањонот Јукан како дел од проширувањето на рудникот за железо.