Петмина загинаа во експлозија на бомба за време на молитва во џамија во Нигерија

Пет лица го загубија животот, а најмалку 35 се повредени во експлозија на бомба што се случи синоќа за време на вечерната молитва во џамија во североисточниот нигериски град Маидугури, соопшти полицијата.

Според првичните информации од безбедносните служби, нападот најверојатно бил изведен од самоубиствен бомбаш. Портпаролот на полицијата во сојузната држава Борно изјави дека прелиминарната истрага укажува на можен самоубиствен напад, врз основа на пронајдени остатоци што личат на делови од самоубиствен елек и сведоштва на очевидци. Истовремено, полицијата го пребарува поширокиот реон поради сомнеж за можни секундарни експлозивни направи.

Повредените се пренесени во болници во Маидугури, каде што лекарските тимови се обидуваат да им укажат помош на настраданите. Надлежните институции сè уште не соопштија официјален и конечен биланс на жртвите, а истрагата е во тек за да се утврдат точните околности на нападот.

Овој инцидент е дел од поширокиот бран насилство што со години го погодува североистокот на Нигерија, регион во кој државата се соочува со повеќе вооружени групи, меѓу кои и Боко Харам и огранокот на т.н. Исламска држава во Западна Африка. Според податоци на Обединети нации, од 2009 година досега во конфликтот се убиени илјадници луѓе, а милиони се раселени.

Иако засега ниту една група не ја презела одговорноста за нападот, употребата на самоубиствени бомбаши често се поврзува со Боко Харам, која и во минатото извршувала ваков тип напади врз цивилни и верски објекти. Аналитичарите предупредуваат дека и покрај тоа што оваа група поретко прибегнува кон вакви методи во последно време, таа и натаму располага со капацитети за нивна реализација.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни