Во петицијата се наведува дека влијателниот советник на претседателот на САД „сега станал дел од странска влада која се обидува да го избрише канадскиот суверенитет“, алудирајќи на заканите на Доналд Трамп дека ќе ја направи Канада 51. американска држава преку „економска сила“.
Маск, роден во Јужна Африка, е сопственик на компаниите Tesla, SpaceX и социјалната мрежа X. Тој има канадско државјанство преку својата мајка Меј Маск, која е родум од провинцијата Саскачеван, во централниот дел на Канада.
Милијардерот, кој стана натурализиран државјанин на САД во 2002 година, неодамна доби задача од Трамп да ја намали јавната потрошувачка на федерално ниво во САД.
Во одговор на петицијата, Маск на социјалните мрежи напиша дека „Канада и не е вистинска држава“.
Тој во последниот период повеќепати ја критикуваше политиката на канадскиот премиер Џастин Трудо, а во декември изрази поддршка за лидерот на Конзервативната партија, Пјер Пoалијевр.
Според канадските закони, државјанството може да се одземе само ако е добиено со измама, лажно сведочење или намерно прикривање информации при апликацијата за имиграција или државјанство.