Како што се ближат новогодишните прослави и празничничните денови, расте „популарноста“ на петардите и останатите пиротехнички средства. Сѐ почесто околу нас се слушаат пукотници и видливи се одблесоци од огнометите. И иако најголем дел од возрасните се свесни дека употребата на петардите и пиротехничките средства може да биде ризична и познаваат некој што се повредил, сепак ги набавуваат за нив, а за жал, и за нивните деца.
„Популарноста“ на петардите е особено голема кај децата. Последователно, и повредите од користење на петардите се почести токму кај децата. Според податоците објавени на веб страната на министерството за внатрешни работи, повеќе од 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив 80 отсто се деца. Она што загрижува уште повеќе, е фактот што речиси половина од повредените се деца помали 16 години. Момињата се трипати почести жртви од девојчињата.

Најизложени на повреди се разбира дека се рацете и дланките. Повредата се случува само за неколку секунди, а последиците, за жал, може да бидат трајни. При палење на петардите голем е ризикот за изгореници на кожата, а како последица на тоа да се ампутираат прстите или цела рака. На удар се и очите и лицето во случаи кога петардите се палат одблизу.
Истовремено, силниот звук предизвикува стрес, страв и вознемиреност, а може да предизвика и срцев удар. Најранливи се старите и болни луѓе со хронични болести и нарушено срцево здравје. За лицата со попреченост, пак, експлозиите од петардите и пиротехничките средства претставуваат голема траума и тие манифестираат вознемиреност, агресија, страв.

Да не ги заборавиме и животните. Кај нив сетилото за слух е многу почувствително во споредба со сетилото на луѓето и пукањето петарди и пиротехнички средства ги доживуваат како шок, понекогаш и со фатални последици. Истражувањата покажуваат дека дури 5.000 кучиња и мачки годишно умираат од стрес предизвикан од пукањето петарди и од звукот на огнометите.
Секој што ќе одлучи да слави со пукање петарди, освен со повреда, може да се соочи и со парична казна. Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, казните се движат од 200 до 500 евра. Согласно со Кривичниот законик, пак, за оние што изработуваат и продаваат експлозивни материјали, се предвидени казни затвор во траење од 3 до 10 години.
Затоа, славете паметно!