Пет стратегии против синдромот на хроничен замор 

Дали се будите уморни, исцрпени и без енергија – иако сте поминале многу часови во кревет? Дали чувствувате дека вашите секојдневни обврски стануваат сè потешки и вашата концентрација станува послаба? Ако овие симптоми ви звучат познато, можеби страдате од синдром на хроничен замор (CFS), состојба која погодува милиони луѓе ширум светот, но често останува недијагностицирана, вели специјалист по интегративна медицина, Душан Вешовиќ.

За да ги надминеме овие состојби, често се случува да посегнеме по кафе, шеќер или лекови. Но сепак, со ваквите постапки причините остануваат нерешени, а како одговор на тоа и заморот не исчезнува, туку само се маскира. 

Препознајте ги симптомите – дали вашето тело ве предупредува? 

Покрај постојаниот замор, луѓето со синдром на хроничен замор често се соочуваат со: слабост и мускулна болка, намалена концентрација и меморија несоница и прекинат сон, чести промени во расположението, чувство на исцрпеност дури и по будењето, зголемена потреба за стимуланси, ослабен имунитет и чести инфекции, вртоглавица и низок крвен притисок, уморни очи.

Зошто се чувствувате исцрпено и без енергија?

Надбубрежните жлезди, малите жлезди лоцирани над бубрезите, се клучни за одговорот на телото на стрес. Тие произведуваат хормони како кортизол, адреналин и DHEA, кои го регулираат нивото на енергија, функцијата на имунолошкиот систем и одговорот на телото на стресни ситуации.

„Современиот начин на живот, исполнет со постојан притисок, несоодветна исхрана и недостаток на физичка активност, доведува до преоптоварување на надбубрежните жлезди и нивно исцрпување. Ова резултира со симптоми типични за овој синдром – чувство на постојан замор, неосвежителен сон, низок крвен притисок, пад на енергијата и ослабена функција на имунолошкиот систем, а сето тоа ја зголемува подложноста на организмот на инфекции“, објаснува,  Вешовиќ. 

Како да ја вратите енергијата и да го надминете заморот? 

Нема волшебно стапче, нема решение преку ноќ, но има пат до закрепнување. Клучот е долгорочниот пристап кој вклучува правилна исхрана, контрола на стресот, физичка активност, сон и соодветен внес на микронутриенти. 

Фокусот треба да биде на свежата, непреработена храна 

Кога станува збор за исхраната, советувам да се фокусирате на свежа, непреработена храна богата со антиоксиданси, здрави масти и протеини. Треба да го намалите и внесот на шеќер и преработена храна, а телото соодветно да го хидрирате со вода, чаеви и лимонада без шеќер или вештачки засладувачи – советува лекарот. 

Медитацијата и вежбите за дишење можат значително да ги намалат ефектите од стресот и да ја подобрат функцијата на надбубрежните жлезди, додава тој. 

„Треба да ги земеме предвид нашите можности и да бидеме реални со себе, и да си поставиме цели кои можеме да ги постигнеме без да го загрозиме нашето здравје. Исто така, важно е да се планираат пократки, но почести паузи кои го намалуваат притисокот од секојдневниот живот“, сугерира докторот, додавајќи дека квалитетниот сон е од суштинско значење за контрола на кортизолот. 

Бидете умерено, но редовно активни

Физичката активност треба да биде умерена, но редовна, како што се пешачење, пливање или лесни вежби – ја подобрува циркулацијата, го стимулира лачењето на ендорфин и го намалува чувството на замор. 

„Препорачувам и користење суплементи кои позитивно влијаат на работата на надбубрежните жлезди, го подобруваат сонот, ја намалуваат нервозата, го зајакнуваат имунолошкиот систем. Во овој контекст, забележано е дека од голема помош е употребата на витамин Д3, магнезиум, мелатонин, како и препарати од витамин Б комплекс – советува нашиот соговорник и вели: „Ако ги препознаете повеќето или некои од горенаведените симптоми, не ги игнорирајте сигналите што ви ги испраќа вашето тело. Со здрави животни навики, повторно ќе се разбудите одморени и ќе бидете полни со сила и мотивација да го искористите максимумот од вашиот ден“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни