На крајот на долгиот и напорен ден, како да се опуштите? Дали да пишувате дневник, или, пак, да вежбате јога, шетате, ги јадете омилените грицки или ја гледате омилената серија?
Сепак, можеби е време во вашата вечерна рутина да додадете неколку пијалоци кои го намалуваат стресот. Постојат различни пијалоци кои даваат чувство на смиреност и му помагаат на телото да се опушти. Со неколку промени во вашите навики пред спиење, можете да ја смирите напнатоста и полесно да се справите со стресот.
Кои состојки ви помагаат да се опуштите?
Според нутриционистката Каролина Шнајдер, постојат неколку клучни состојки кои треба да ги барате во пијалоците за релаксација. На пример, пијалоците кои содржат магнезиум или ашваганда се одлични за намалување на стресот.
„Ниското ниво на магнезиум е поврзано со повисоки нивоа на стрес. Овој минерал ја поддржува функцијата на ГАБА рецепторите во мозокот, кои се клучни за релаксација. Ашвагандата, од друга страна, помага во намалување на нивото на кортизол и ги стимулира истите овие рецептори“, објаснува Шнајдер.
Други корисни состојки вклучуваат Л-теанин и витамини од Б-комплексот. Пред да купите некој од пијалоците, проверете ја етикетата за да избегнете производи кои ветуваат чудесни резултати без доказ.
„Пазарот е преплавен со адаптогени пијалоци, ноотропни и хербални додатоци кои тврдат дека го намалуваат стресот, но често немаат научна поддршка“, предупредува Шнајдер, додавајќи дека следните пијалоци најдобро се комбинираат со здрава, растителна исхрана која го поддржува менталното здравје на долг рок.
Пет смирувачки напитоци за полесен сон
Чај од камилица
Чајот од камилица, познат како благ седатив, е еден од најпопуларните пијалоци без кофеин – и тоа со добра причина. Камилицата содржи апигенин, антиоксиданс кој се врзува за рецепторите во мозокот и поттикнува релаксација. По напорниот ден, сварете шолја од овој билен чај и уживајте во неговите смирувачки ефекти.
Зелен чај
Зелениот чај, вклучително и сортата мача, е пијалок со благо кофеин кој помага при релаксација без да ве поспани. Овој чај содржи Л-теанин, амино киселина позната по тоа што промовира состојба на смиреност и будност. Оваа супстанца ги зголемува и алфа брановите во мозокот, што придонесува за чувство на мир и ја намалува перцепцијата на стрес.
Топло чоколадо
Топлото чоколадо не е резервирано само за студените денови, овој пијалок може да ви помогне и да се опуштите. Какаото во топлото чоколадо содржи триптофан, аминокиселина која го стимулира производството на серотонин и мелатонин, хормони кои влијаат на расположението и сонот. Плус, самата топлина на пијалокот придонесува за чувство на смиреност.
Сок од цреша
Сокот од цреша стана популарен на социјалните мрежи поради неговите смирувачки ефекти. Црешите содржат мелатонин, триптофан и процијанидин Б-2, кои помагаат да се намали оксидативниот стрес, да се промовира релаксација и да се подобри квалитетот на сонот.
Топло млеко
Иако топлото млеко најчесто им се служи на децата, и возрасните можат да уживаат во неговите смирувачки својства. Млекото содржи триптофан, мелатонин, лактоза, витамини од Б-комплексот и магнезиум, кои помагаат за релаксација. Подготовката е брза и лесна, што го прави совршен избор за моменти кога ви треба нешто смирувачко.