Љубителите на серии знаат дека не е исто кога приказната е целосно измислена и кога е заснована на вистински настани.
Сајтот Index.hr состави листа на серии инспирирани од вистинити приказни и откри што всушност се крие зад нив.
1. Чернобиљ
Мини-серијата на HBO, “Чернобиљ”, ги следи настаните од нуклеарната катастрофа во 1986 година во тогашниот Советски Сојуз.
Серијата е позната по својата верна реконструкција на несреќата и хаосот што следувал, но и по приказот на храброста на научниците и пожарникарите кои ги ризикувале своите животи.
Иако повеќето настани се точно прикажани, некои сцени, како падот на хеликоптерот веднаш по експлозијата, се драматизирани за поголема напнатост.
2. Narcos
“Narcos” ја раскажува приказната за Пабло Ескобар, озлогласениот колумбиски нарко-бос кој во 1980-тите бил еден од најбараните луѓе во светот.
Многу сцени во серијата се засноваат на вистински настани, а ликовите како агентите на DEA, Стив Марфи и Хавиер Пенја, навистина постоеле.
Сепак, серијата повремено ги менува деталите за да биде поинтересна, вклучително и времето на некои настани.
3. Круната
Нетфликсовата серија “Круната” го следи животот на кралицата Елизабета II и британското кралско семејство. Многу настани прикажани во серијата, како крунисувањето на кралицата или нејзините односи со премиерите, се засновани на историски факти.
Но, дијалозите и некои приватни моменти се драматизирани бидејќи не се документирани, што предизвика критики, особено од кралското семејство.
4. Mindhunter
“Mindhunter” е серија заснована на вистинити настани и работата на FBI агентите кои во 1970-тите развиле профилирање на сериски убијци.
Многу злосторници прикажани во серијата, како Едмунд Кемпер и Дејвид Берковиц, се вистински личности, а дијалозите често се преземени од реалните разговори што агентите ги воделе со нив.
Сепак, главните ликови, Холден Форд и Бил Тенч, се измислени, иако инспирирани од вистински агенти.
5. Unbelievable
“Unbelievable” ја следи приказната на млада жена која е обвинета дека лажела за своето силување. Серијата е заснована на новинарскиот напис “An Unbelievable Story of Rape” од 2015 година.
Серијата е пофалена за нејзината верна и чувствителна реконструкција на настаните и приказот на истрагата што ја воделе две детективки, кои на крај ја откриле вистината.