Ако понекогаш ви се случува исцрпени да легнете во кревет со мокра коса, можеби по ова ќе размислите двапати пред повторно да го направите тоа. Иако на прв поглед изгледа безазлено, спиењето со мокра коса може да предизвика низа несакани последици – од нарушено здравје на скалпот до зголемено кршење и слабеење на косата. Во продолжение откријте зошто оваа навика не е толку безопасна и како мала промена во рутината може да ја зачува убавината и виталноста на вашата коса.
Кршење на косата
Експертите едногласно се согласуваат дека главната причина поради која не треба да спиете со мокра коса е што тоа може да доведе до кршење на влакната.
Триењето што настанува помеѓу мократа коса и ткаенината од перницата додека спиете може да предизвика оштетувања на влакното, објаснува сертифицираната трихологинка Бриџит Хил.
Мократа коса е поранлива затоа што водата привремено ги нарушува водородните врски во протеинската структура на влакното. Ова ја зголемува еластичноста и ја прави косата подложна на кршење, додава дерматологот Хедли Кинг.
Нарушување на микробиомот
Урамнотежениот микробиом е клучен за здрав раст на косата. Кога спиете со мокра коса, може да се зголеми количината на пот на скалпот. Во комбинација со себум, остатоци од производи и влага, тоа може да го наруши микробиомот и да ја наруши здравата функција на фоликулите.
Раст на бактерии
Фризерот Марти Харпер предупредува дека спиењето со мокра коса го поттикнува растот на бактерии на скалпот и низ влакната. Влажните перници и постелнина може да станат легло за мувла, што доведува до различни проблеми со скалпот и косата.
Можност за појава на акни
Мократа коса може да поттикне раст на бактерии што предизвикуваат акни на скалпот. Во најлош случај, акните може да се претворат во инфекции на кожата, предупредува Хил
Влошување на перут, дерматитис и други проблеми
Спиењето со мокра коса создава топла и влажна средина идеална за раст на бактерии и габички. Тоа може да доведе до фоликулитис или да го влоши себореичниот дерматитис.
Хил истакнува дека ова е особено проблематично за луѓе кои веќе се борат со перут, псоријаза или егзем, бидејќи мократа коса преку ноќ може дополнително да ги влоши овие состојби.
