Предлозите потоа беа достапни преку новоотворена онлајн галерија за јавноста да може да остави свои коментари. Проектите прикажуваат предлози за изгледот на меморијалниот простор посветен на поранешната британска владетелка, кој почина во 2022 година по 70 години на престолот, а проектот вклучува и изградба на нов мост преку езерото во паркот.
Пет тима влегоа во потесен избор: Foster + Partners, Heatherwick Studio, J&L Gibbons, Tom Stuart-Smith и WilkinsonEyre, сите со иста цел – „да го прослават извонредниот живот на кралицата Елизабета II посветен на службата и да обезбедат простор за одмор и размислување“.
Heatherwick Studio: Статуа на кралицата во сенка на лилјани

Проектот на Heatherwick, кој е развиен во соработка со скулпторката Халима Касел, пејзажните архитекти од студиото MRG и инженерските фирми Webb Yates и Arup, именуван е Мост на заедништвото. (Bridge of Togetherness).

Според нивниот проект, централниот елемент на меморијалната прошетката ќе биде статуа на кралицата, која би била заштитена од сенката на осум скулптурални лилјани. „Нашиот проект се базира на идејата за заедништво, како физички израз на она за што се залагаше кралицата, пред сè, единството“, велат од студиото.

Foster + Partners: Простор за размислување и заедничко искуство

Проектот на Foster + Partners, кој е инспириран од оригиналниот пејзаж на архитектот Џон Неш за паркот, е изработен во соработка со пејзажните архитекти од Michel Desvigne Paysagiste и вклучува камена патека што води до Мостот на единството (Unity Bridge).

Статуа на кралицата би била поставена на The Mall, церемонијалната рута и сообраќајница што се протега од Бакингемската палата до плоштадот Трафалгар, додека уметникот Џинка Шонибаре во паркот би создал Скулптура на ветер (Wind Sculpture).

„Помеѓу портите, Градината на Комонвелтот и Скулптурата на ветер на Шонибаре го дефинираат просторот за размислување и заедничко искуство; уметничките инсталации во Заедничката градина ја слават разноликоста на Обединетото Кралство, а Мостот на единството ја крунисува патеката и меморијалното патување“, велат од тимот.
WilkinsonEyre: Преклопувачки мостови како централен елемент

WilkinsonEyre во соработка со уметниците Лиса Ванди и Фиона Кларк, пејзажниот дизајнер Енди Старџон и инженерските фирми Atelier One и Hilson Moran, предложија пар преклопувачки мостови како средишен дел од нивниот проект.

„Замислуваме мрежа од патеки и пејзажи нежно вткаени во природното ткиво на паркот Сент Џејмс, неговите дрвја, езерото и релјефот, создавајќи контемплативно патување кое оддава почит на нејзината седумдецениска служба“, објаснуваат од WilkinsonEyre.

Tom Stuart-Smith: Даб како симбол на издржливоста на монархијата

Предлогот на пејзажниот архитект Tom Stuart-Smith, реализиран во соработка со архитектите од Jamie Fobert Architects, уметникот Адам Лоу од Factum Arte и фирмата Structure Workshop, се базира на верен калап од даб од Големиот виндзорски парк.

„Централниот елемент е прецизен калап од величенствен даб од Windsor Great Parka, кој ја претставува нејзината сила, издржливост и историската улога на монархијата во нашиот устав. Грациозно закривен камен мост го поврзува споменикот со околниот пејзаж, служејќи како платформа за набљудување и јавен простор“, велат од тимот.

J&L Gibbons: Мост од карпа преку земја, корења и вода

Петтиот предлог го презентираше тим предводен од J&L Gibbons, во соработка со сценографот Мајкл Левин, архитектонското студио William Matthews Associates и инженерските фирми Structure Workshop и Arup.

„Кралицата беше темелот на нацијата. Затоа мостот го изградивме од карпа, а преку земја, корења и вода. Меандриран тек на геологијата што ги води луѓето низ ефемерна кореографија на цветови и бои под високите крошни на дрвјата“, објаснува тимот.

Прогласување на 100-годишнината од раѓањето на кралицата
Како што се наведува, после јавната консултација, конечниот проект ќе биде претставен во април 2026 година, што се совпаѓа со стогодишнината од раѓањето на кралицата Елизабета II (21 април 1926 година – 8 септември 2022 година).