Пет милиони евра проневериле уапсените за злоупотреба на земјоделските ЕУ субвенции

Кривично ќе се гонат уапсените 37 лица во Грција за скандалот со европските земјоделски субвенции

За измама, перење пари и криминална организација се товарат уапсените 37 лица кои кривично се гонат за скандалот со европските земјоделски субвенции, добиени незаконски преку Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ (ОПЕКЕПЕ), објавија грчките медиуми.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, уапсените од шест различни делови на Грција, утрово беа пренесени во Атина и изведени пред европските обвинители, а во продолжение ќе дадат исказ пред истражен судија.

Процените на грчката полиција се дека од целокупната активност на организацијата, од 2018 година до денес, предизвикана е штетата врз интересите на ЕУ и грчката држава во висина од најмалку пет милиони евра, а кога истрага целосно ќе заврши, се очекува штетат да надмине десет милиони евра.

Според медиумите во Грција во обвинението за уапсените се вклучени низа кривични дела извршени во рамките на формираната криминална организација, а се товарат и за измама поврзана со грантови, присвојување лажни потврди и перење пари.

Обвинетите беа уапсени вчера во акција на грчката полиција во градовите Солун, Пела, Едеса (Воден) и Јанина, како и во областа Атика, поширокиот регион на Атина и на островот Крит.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека „исплатите на земјоделците ќе се извршат што е можно поскоро“ и дека отсега парите ќе одат кај „вистинските производители, а не кај измамниците“.

Паралелно ја истакна важната улога на полицијата во откривањето на уапсените и целата истрага за скандалот со нелегалните субвенции.

За скандалот со европските земјоделски субвенции, европската обвинителка Лаура Ковеши на прес-конференцијата во Атина пред 20 дена истакна дека „со години, криминалците, со помош на државни службеници и високи функционери, крадеа европски пари што беа наменети за помош на вредните и чесни земјоделци за да ја обработуваат оваа прекрасна земја, а не за некои луѓе да стекнат со вили и луксузни автомобили“, но и дека „ОПЕКЕПЕ стана акроним за корупција и непотизам“. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни