Пет лица обвинети за скандалот „Хуавеј“ за корупција во Европскиот парламент

Пет лица се обвинети за активна корупција и перење пари во истрагата против кинеската компанија „Хуавеј“ (Huawei) поради сомневање за корупција во Европскиот парламент, соопшти денеска белгиското федерално обвинителство.

-Истражниот судија до денеска обвини четири лица за активна корупција и криминална организација. Петто лице е обвинето за перење пари. За четири лица се издадени налози за апсење, а петтото е пуштено со кауција, соопшти обвинителството, додавајќи дека вчера биле извршени нови претреси во канцеларијата на Европскиот парламент во Брисел.


На 13 март, белгиските власти претресоа повеќе од 20 адреси и запечатија две канцеларии во Европскиот парламент, како дел од истрагата за мито и лобирање активности на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ во Европа.

Властите соопштија дека ги истражуваат прелиминарните наводи за „активна корупција, фалсификување документи, перење пари во Европскиот парламент“, изјави неодамна неименуван портпарол на белгиското обвинителство, додавајќи дека „поткупот“ наводно бил во корист на „Хуавеј“.

Според обвинителството, корупцијата се практикува „редовно и многу дискретно“ од 2021 година, „под маската на комерцијално лобирање“ и во различни форми, како што се такси за преземање политичка позиција или преголеми подароци, плаќање патни трошоци и редовни покани за фудбалски натпревари.

Седиштето на ЕП е во Стразбур, но состаноците често се одржуваат во Брисел, каде што е седиштето на Европската унија. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни