Пет кратки филма, доделување награди и плакети на првиот ден на „Златна рамка“

Со проекција на пет краткометражни македонски филма, денеска во 18 часот ќе бидат отворени Деновите на македоснкиот филм „Златна рамка“, што ги организира Друштвото на филмските работници на Македонија. Ќе бидат прикажани најновите кратки филмови на: Елеонора Венинова („Прошетка“, продукција „Три точки“), Халим Лута („Бегство“, „Кодра продукција“), Надежда Панов („Турбо-Нет“, „Пиреј филм“), Трифун Ситниковски („Мала шега“, „ДНФ Филм“) и Васил Христов („Амра“, „Алка филмс“).

Во рамките на изданието ќе се одржи пригоден настан во чии рамки ќе бидат врачени почесните награди „Златна рамка“. Годинашни добитници на наградата се: актерот Јордан Симонов, директорот на фотографија Роберт Јанкулоски и Алисија Ферро, скриптерка и секретар на режија. Во знак на јубилејот 75 години постоење на ДФРМ постхумно ќе бидат доделени и плакети на седуммина професионалци кои со својата работа оставиле значајна трага врз македонската кинематографија: Јован Бошковски, Кирил Билбиловски, Никола Лазаревски-Никица, Јордан Јаневски, Делчо Михајлов, Ѓорѓи Ѓорѓиевски-Џокер и Милосав Крстевски-Ага.

„Златна рамка“ е филмска ревија иницирана како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и ги отсликува вредностите и континуираната мисија на ДФРМ – унапредување на професионализмот, поврзување на филмската заедница и отворање нови перспективи за креативниот израз.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни