Пет комисии со 15 члена ќе одлучуваат за наградите на „Македокс“

Во Куршумли ан во Старата скопска чаршија вечерва ќе бидат прогласени победниците на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Во петте комисии за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Традиционално ќе бидат доделени наградите: „Кромид“ за најдобар филм од Главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и Награда за најдобри етички идеи.

Комисијата за доделување на наградата „Кромид“ е во состав: Наталија Либет, филмска продуцентка; Родолфо Кастиљо – Моралес, мексикански режисер; и Јелена Максимовиќ, дипломирана монтажерка.

Во комисијата за наградата „Млад кромид“ се Лорен Кларк, која креира филмски програми, кураторка и истражувачка од Шкотска; Владимир Гојун, хрватски филмски монтажер; и Рок Бичек, словенечки режисер и продуцент.

Комисијата за доделување на наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец е во состав: Марина Костова, наградувана новинарка; Барбара Орлич-Шчипула, организаторка на филмски настани од Полска; и Драган Вон Петровиќ, монтажер и режисер на документарни и играни филмови.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм одлучува комисијата во состав: Марко Грба Синг, уметнички директор на Меѓународниот документарен филмски фестивал „Белдокс“ во Белград; Стефани Фухс, која е дел од продажниот тим на „Аутлук филмсејлс“; и Витеслав Чованец, кој дипломирал Филмска и аудио-визуелна култура на Универзитетот „Масарик“ во Брно.

Во комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи се Андреас Јунсен, режисер и самоук филмаџија; Серџо Трефо од Бразил, кој магистрирал филозофија на Сорбона; и Васко Маглешов, македонски новинар.

На статуетките кои ќе им бидат врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни