Пет книги во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

Пет книги влегоа во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на поетскиот фестивал Струшки вечери на поезијата. Членовите на жирито работеле во две фази: поединечна и заедничка. Во поединечната фаза, секој член работел самостојно, без да ги знае останатите членови и изготвил негов личен потесен избор од пет книги кои ги рангирал од прво до петто место. Потоа на заеднички состанок членовите утврдиле пет книги, според бројот на гласови кои одделните книги ги добиле при поединечните избори и според гласањето на мнозинството на комисијата. Кандидати за наградата „Браќа Миладиновци“ се:

„Дни, години“ од Димитар Башевски, издание на „Слово“;
„Две мориња“ од Јосип Коцев, издание на „Антолог“;
„Мед и младост“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска, издание на „Макавеј“;
„Филмски песни“ од Дејан Трајкоски, издание на „Бата прес милениум“;
„На врв на јазикoт“ од Катица Ќулавкова, издание на „Арс либрис“.

Добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик, што ја доделува СВП ќе биде прогласен на 28 август. На конкурсот пристигнаа вкупно 35 наслови.

Над 50 години градот Струга ги собира најзначајните и најзвучните поетски имиња на Струшките вечери на поезијата. При крајот на месец август почнува средбата на поетските великани од најразлични краишта на светот, кои се собираат да ѝ оддадат почит на поезијата. Фестивалот традиционално започнува со читање на поемата „Т’га за југ“ на Константин Миладинов, кој се смета за зачетник на модерната македонска поезија, и во чија чест настанала оваа прекрасна манифестација.

Секоја година се одбира реномиран поет за чие животно творештво му се доделува наградата „Златен венец“, а воедно се доделува и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик.

Во текот на непрекинатото опстојување на овој интернационален поетски фестивал, свое присуство зеле околу 5000 поети од стотина земји, што ја прави Струга најголемо поетско собиралиште во светот. Затоа за овој град се вели дека е поетска престолнина на поезијата, а за фестивалот дека е најголемиот празник во чест и слава на поезијата. Ловороносци досега биле Пабло Неруда, Ален Гинзберг, Тед Хјуз, Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Томас Транстромер и многу други.

Читањето на Мостот на поезијата на прекрасниот Дрим, ѕвонот на многубројните јазици, прекрасниот пејзаж на Струга, допирот на разните култури и цивилизации, прави уникатно и незаборавно доживување за сите поборници на мирот и соживотот, како и за сите вљубеници во природата, виното и литературата.

Најново

Последни колумни