Пет години од почетокот на пандемијата на КОВИД-19, Светската здравствена организација (СЗО) денес повторно побара од Кина да ги сподели своите податоци и информации за да се разбере како започна пандемијата.
„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да ги сподели податоците и пристапот за да можеме да го разбереме потеклото на коронавирусот. Ова е морален и научен императив. Без транспарентност, споделување и соработка меѓу земјите, светот не може да се подготви адекватно за идни епидемии и пандемији или да ги спречи“, се вели во соопштението на СЗО.
Здравствената агенција на ОН потсети дека на 31 декември 2019 година нејзината канцеларија во Кина добила информација од здравствените власти на Вухан за случаи на „вирусна пневмонија“ во градот.
„Во неделите, месеците и годините што следеа, КОВИД-19 го промени нашиот живот и нашиот свет“, додаде СЗО.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, неодамна постави прашање дали светот е подобро подготвен за следната пандемија.
„Одговорот е и да и не. Ако следната пандемија се случи сега, светот ќе се соочи со истите слабости и ранливости кои овозможија КОВИД-19 да се прошири и да трае толку долго“, рече тој. Според него, светот исто така научи многу болни лекции од пандемијата и презеде важни чекори за да ја зајакне својата одбрана од идни епидемии и пандемији.
Во декември 2021 година започнаа меѓународни преговори за постигнување договор за превенција, подготвеност и одговор во случај на нова пандемија.
Точно 194 држави-членки на СЗО кои преговараат за договорот се согласиле околу повеќето прашања, но се наоѓаат во ќорсокак во врска со важни практични аспекти. Рокот за завршување на преговорите моментално е определен за мај 2025 година.