Пет години од смртта на Балашевиќ

На 19 февруари 2021 година замина „панонскиот морнар“, поетот на секојдневието чии песни и денес се пеат во еден глас

На 19 февруари 2021 година почина „панонскиот морнар“ Ѓорѓе Балашевиќ.

Откако почина од компликации предизвикани од коронавирус, Ѓорѓе Балашевиќ беше погребан на гробиштата „Лисје“ во Нови Сад, во кругот на најблиското семејство.

Телото од капелата го испратија тамбураши со песната „Ацо брацо“, потоа продолжија со „Мала риѓа“, додека на самото гробно место ја отсвиреа „Оливера“.

Балашевиќ е еден од југословенските музички великани и автор чии концерти од почеток до крај ги пееја луѓето од публика.

Колку силно било творештвото на Ѓорѓе Балашевиќ знаат и птиците на гранка. Чекор подалеку отиде легендарниот музичар Владо Калембер, кој славниот „панонски морнар“ го прогласи за „најуспешен автор и изведувач на целиот свет на сите времиња“.

За тоа Калембер имаше и објаснување.

„Ѓорѓе Балашевиќ е најуспешниот автор и изведувач на целиот свет на сите времиња. Најуспешните надвор се некакви Ролинг Стоунс. Тие имаат седум, осум, десет хитови. Имаат дваесет многу познати песни и имаат две-три ‘убијци’, а тоа е ‘Satisfaction’ и можеби уште една. Сите ние имаме така. Нови фосили го имаа генијалецот Рајко Дујмиќ, но има едно големо но. Сите ги знаеме: ‘Добри стари времиња’, ‘Милена’, ‘Кошула плава’, ‘Да те не волим’ — и веќе почнуваме малку да забавуваме“, рече Калембер, па потоа се врати на Балашевиќ:

Тој, според овие паушални размислувања, има снимено петнаесетина албуми во животот. Значи околу 150–160 песни. Тој има 100 мегахитови. Мегахит е штом почнете, а сите пеат од почеток до крај. Има 50 големи хитови затоа што има песни со толку длабока емоција што не се осмелувате да ги пеете, туку го слушате. И има пет-шест такви што се за веселба. Значи тој е апсолутен, апсолутен гениј“, рече Калембер.

Легендарниот Ѓоле освен како лиричар кој ги пее најинтимните балади, ќе остане и запаметен како огромен критичар на општеството кое беше и е во распад од деведесеттите со крвавата југословенска драма, па сè до денес. Неговите рефрени се честа музичка подлога на секој протест и акција на активистите кои се борат за правно и правично општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни