Науката открива: Мозокот минува низ пет клучни фази – последната почнува дури по 83-тата година

Нова студија на Универзитетот во Кембриџ покажува дека вистинскиот крај на адолесценцијата не е во тинејџерските години – туку во раните триесетти.

Мозокот не престанува да се развива кога ќе заврши детството – напротив, минува низ пет јасно препознатливи фази сè до длабока старост, покажува новата студија на Универзитетот во Кембриџ, објавена во списанието Nature Communications. Истражувањето опфатило околу 4.000 лица на возраст до 90 години и открива четири клучни пресвртни точки: на 9, 32, 66 и 83 години.

Според авторката на студијата, д-р Алекси Маусли, „мозокот се развива цел живот, зајакнувајќи и намалувајќи различни нервни врски во специфични периоди“. Овие фази даваат нова перспектива за тоа кога и како се менува мозочната архитектура – и зошто ризиците од ментални нарушувања или деменција се различни во одредени години.

Првата фаза, детството, трае до околу 9 години и се карактеризира со интензивен раст, но и „сечење“ на илјадници рани синапси кои повеќе не се потребни. Потоа следува најдолгата транзиција – адолесценцијата, која според новите податоци не завршува во тинејџерските години, туку продолжува до 32. Овој период покажува најголем пораст на ефикасноста на мозочните мрежи, но истовремено е и најризичен за развој на нарушувања како анксиозност, депресија или шизофренија.

Од 32 до 66 години започнува фазата на стабилно возрасно функционирање, кога мозокот работи со константна ефикасност, но постепено се забележува мал пад во поврзаноста. По 66-тата година започнува раното стареење – мозочните региони почнуваат да функционираат повеќе одвоено, што може да биде поврзано со зголемен ризик од деменција и кардиоваскуларни заболувања.

Последната фаза, по 83 години, ги продлабочува овие промени, но научниците нагласуваат дека оваа фаза е најмалку истражена поради мал број здрави испитаници во таа возраст.

Независни експерти го нарекоа истражувањето „значајно“ и истакнаа дека овие сознанија ја потврдуваат комплексноста на развојот на мозокот, како и големите индивидуални разлики. Студијата би можела да помогне во подобро предвидување на ризикот од ментални нарушувања во младоста и деменција во староста.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни