Пет децении Кинотеката на Македонија

По повод јубилејот, на 8 април ќе биде промовирана и поштенска марка посветена на институцијата што веќе половина век го чува македонското филмско наследство.

Кинотеката на Македонија годинава одбележува 50 години од своето постоење, како една од клучните институции за зачувување на филмското наследство во земјава. Формирана е како институција од посебен интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од особено уметничко, културно, научно и историско значење.

Иако Законот за формирање на Кинотеката на Македонија е усвоен на 29 април 1974 година, институцијата официјално почнува со работа во 1976 година. Денес, пет децении подоцна, Кинотеката претставува едно од најважните места за меморијата на македонскиот филм.

Нејзиниот фонд опфаќа над 15.000 филмски копии, повеќе од 72.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, како и повеќе од 100.000 пишувани документи. Во нејзин состав работи и специјализирана библиотека со над 4.500 книги и списанија посветени на историјата и теоријата на филмот, како и архив со 32.500 прес-клипинзи. Кинотеката располага и со значајна колекција на стари кинематографски апарати.

Во посебен оддел, во депоа со контролирана температура и влажност, се чуваат архивските материјали и целокупната македонска филмска продукција од 1905 година до денес, како и филмовите снимени од странски автори во Македонија пред Втората светска војна. Останатите филмски материјали се сместени во посебните кинотечни депоа.

Работата на Кинотеката е организирана во два сектора. Првиот е филмскиот архив, задолжен за прибирање, заштита, чување и обработка на филмови, филмски материјали и придружна документација. Вториот сектор е насочен кон истражувачка, издавачка, јавна и меѓународна дејност, библиотечна работа и филмска програма.

Кинотеката на Македонија е и дел од најважните меѓународни професионални мрежи. Таа е членка на Меѓународната федерација на филмските архиви (FIAF), Европската асоцијација на кинотеките (ACE) и мрежата Europa Cinemas.

По повод големиот јубилеј, в среда, на 8 април, ќе биде промовирана и поштенска марка посветена на Кинотеката, изработена од авторот Лазе Трипков. На настанот е најавено обраќање на директорот на Кинотеката Бошко Грујоски, директорот на „Поштенски сообраќај“ при АД „Пошта“ Бојан Кереместевски и раководителот на архивот на Кинотеката, Игор Старделов.

Овој јубилеј не е само бројка. Тој е потсетник дека филмот не е само уметност што се гледа, туку и културна меморија што мора да се чува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни