Пет деца меѓу седумте повредени од пиротехника за Нова година, кај дел извршени ампутации

Министерот за здравство Азир Алиу апелира родителите да не дозволуваат пиротехнички средства во рацете на децата, предупредувајќи на трајните последици по здравјето.

За време на новогодишната ноќ седум лица побарале лекарска помош поради повреди и изгореници предизвикани од употреба на пиротехнички средства. Информацијата денеска ја соопштија министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска.

Според Ѓоргиевска-Павловска, на Клиниката за пластична хирургија биле примени двајца возрасни пациенти со индиректни повреди, настанати додека се обидувале да им одземат пиротехнички средства на малолетни деца.

На Клиниката за детска хирургија биле примени две деца, од кои едното со посериозни повреди. По укажаната медицинска помош, и двете деца биле пуштени на домашно лекување.

Министерот Алиу информираше дека вкупно било интервенирано кај седум лица – двајца возрасни и пет деца – поради тешки повреди на врвовите на прстите, како и рани и изгореници на дланките.

„Кај дел од повредените беше извршена ампутација на делови од прстите. Три деца беа примени во Ургентниот центар, двајца возрасни на Клиниката за пластична хирургија и две деца на Клиниката за детска хирургија. Овие седум интервенции се потсетник дека за секоја повреда следуваат процес на лекување и трајни последици“, изјави Алиу.

Тој нагласи дека фактот што меѓу повредените има деца, кај дел од кои била неопходна ампутација, јасно укажува на сериозноста на последиците од употребата на пиротехнички средства.

„Упатувам посебен апел до родителите да не дозволуваат пиротехника во рацете на нивните деца. Празниците треба да завршуваат со насмевки, а не во хируршки сали“, порача министерот за здравство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни