Петицијата со која се бара укинување на францускиот закон и неговата многу оспорувана мерка за повторно воведување на пестициди денес се приближи до еден милион потписи во Франција. Со тоа се отвора пат за парламентарна расправа за суштината на законот, но не и за негова ревизија.
Во Франција досега ниту една петиција не била предмет на расправа во парламентот во поновата историја.
Претседателката на Долниот дом на парламентот, Јаел Браун-Пиве (Yael Braun-Pivet), денес изјави дека е за организирање на таква дебата, но додаде дека усвоениот закон нема да биде поништен.
Петицијата, која ја започнала една студентка на 10 јули, до денес напладне достигна околу 860.000 потписи на веб-страницата на Националното собрание (долниот дом на парламентот), што е досега невиден број.
Петицијата повикува на укинување на законот усвоен на 8 јули, кој предвидува условно повторно воведување на ацетамиприд – пестицид што е забранет во Франција, но одобрен во други делови на ЕУ до 2033 година.
Неговите ефекти врз луѓето предизвикуваат загриженост, иако ризиците сè уште се нејасни поради недостаток на големи студии.
Овие пестициди се особено баран меѓу производителите на шеќерна цвекла и лешници, кои сметаат дека немаат алтернатива во борбата против штетниците и дека без него се изложени на нелојална конкуренција. Од друга страна, пчеларите предупредуваат дека овој пестицид е „убиец на пчели“.
Законот, кој беше усвоен без расправа во парламентот, владата го претстави како „голем чекор кон повторно освојување на францускиот прехранбен суверенитет“.
Петицијата на Елеонор Патери (Éléonore Pattery), 23-годишна студентка на постдипломски студии, предизвика невиден ентузијазам кој широко се споделува на социјалните мрежи од јавни личности како францускиот актер Пјер Нине (Pierre Niney) и бројни пратеници од левицата.
Студентката, која себеси се опишува како „иден експерт за еколошко здравје“, изјави дека законот е „научна, етичка, еколошка и здравствена заблуда“.
Таа повика на укинување на законот, „демократска ревизија на условите под кои е донесен“, како и на „граѓански консултации со засегнатите страни од областа на здравството, земјоделството, екологијата и правото“.
Законот беше побаран од два големи земјоделски синдикати.
Пратениците од левицата на 11 јули се обратија до Уставниот совет, телото надлежно за следење на усогласеноста на законите, сметајќи дека законот не е компатибилен со заштитата на животната средина и правото на здравје.