Идентификувани 19 различни пестициди во дивата флора во Преспанскиот регион

Идентификувани 19 различни пестициди во дивата флора во Преспанскиот регион

Во дивиот растителен свет во Преспански регион се идентификувани вкупно 19 различни пестициди, покажуваат прелиминарните резултати од истражување спроведено од тим на млади истражувачи во рамки на Програмата за поддршка на млади екологисти „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво.

Најголем број пестициди биле пронајдени во примероци земени од околината на Претор и Ресен, што укажува на постоење секундарна контаминација на диворастечката флора од земјоделски активности во регионот.

Истражувањето го реализирал тим од Фармацевтскиот факултет во Скопје, предводен од студентката Јована Данова, под менторство на проф. д-р Крсте Ташев. Примероци биле собирани во две временски фази – пролет и есен, на различни локации околу Преспанското Езеро, со различна оддалеченост од земјоделски насади.

Резултатите покажале дека во пролет биле детектирани 10 пестициди, додека во есен 12, што укажува на сезонски варијации во присуството на овие супстанции.

Најголемата концентрација и разновидност на пестициди била забележана во примероците од околината на Претор и Ресен. Кај примероците од Крани, пестициди биле детектирани само во пролетниот период, додека во есен тие отсуствувале. Спротивна сезонска слика била забележана кај примероците од Стенје.

Особено значаен наод е тоа што во примероците земени од крајбрежјето во близина на Стенје, како и од Голем Град, не било детектирано присуство на пестициди ниту во пролет, ниту во есен, според досегашните анализи.

Анализите покажуваат дека ацетамиприд, приметанил и пираклостробин се пестицидите кои најчесто се јавуваат и тоа во двата периоди од годината. Нивното присуство укажува на постојан притисок врз екосистемот и можен пренос од земјоделските површини кон природните живеалишта.

Ова истражување ги дава првите систематски податоци за присуство на пестициди во дивата флора во Преспанскиот регион и ја нагласува потребата од понатамошни, подлабоки анализи. Еколозите предупредуваат дека секундарната контаминација може да има последици не само врз растенијата, туку и врз животните и луѓето, преку синџирот на исхрана.

Резултатите отвораат прашања за одржливоста на земјоделските практики и за потребата од подобар мониторинг и заштита на чувствителниот екосистем на Преспа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни