Синоќа, на празникот Свети Три Крале, данскиот државен врв се состана во Копенхаген под засилени безбедносни мерки за да договори стратегија околу кризата со Гренланд. По околу два часа, пред медиумите излезе министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен, најавувајќи дека ќе побара средба со американскиот колега Марко Рубио за, како што рече, „да се разјаснат недоразбирањата“.
Расмусен изјави дека Данска верува оти актуелната ситуација е резултат на погрешни интерпретации, нагласувајќи дека не е точно дека руски и кинески бродови се движат околу Нуук на Гренланд. Тој додаде дека заедно со министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивиан Моцфелдт, ќе отпатува во Вашингтон, иако засега не е познато кога.
Оваа изјава се толкува како обид за смирување на тензиите и е значително поблага во однос на реториката на данската премиерка Мете Фредериксен во изминатите денови. Расмусен нагласи дека „САД не можат едноставно да го добијат Гренланд“, но истовремено се согласи со ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека на Арктикот постојат одредени безбедносни предизвици.
Соработка – да, предавање суверенитет – не
Данска изрази подготвеност за соработка и зголемено американско присуство на Гренланд, но категорично ја отфрли можноста за предавање на суверенитетот или продажба на островот.
Состанокот во Копенхаген предизвика незадоволство на Гренланд. Пипалук Линге, претседателка на парламентарниот одбор за надворешна и безбедносна политика, критикуваше што ниту еден претставник на Гренланд не бил поканет. Таа го оцени тоа како „неоколонијалистички пристап“ и истакна дека токму ваквите односи ја поттикнуваат желбата за независност.
„Никој нема да се бори за Гренланд“
Данските експерти за меѓународни односи се исклучително песимистични. Питер Вигго Јакобсен од Данската одбранбена академија изјави дека, доколку САД навистина одлучат да го нападнат Гренланд, Данска би останала сама.
„Во строго воена смисла, никој нема да помогне. Американската воена машина е едноставно пресилна“, изјави тој, додавајќи дека било каков отпор би бил бесмислен.
На прашањето дали европската поддршка би се свела само на зборови, Јакобсен беше дециден: „Се разбира. Никој нема да умре за Гренланд. Како што не умираме ни за Украина. Ако Американците нападнат – тоа е game over.“
Сличен став има и експертот за одбранбена политика Јакоб Линет Шмит, кој смета дека воен судир со САД на Гренланд би бил „самоубиство“, дури и со помош на европските сојузници.
