Оваа тура, предводена од Ивана Драгшиќ, ќе води низ меѓу-просторите и лиминалните локации во центарот на Скопје. Идејата е да се истражат „негативните простори“, односно оние места кои се создаваат околу официјалните градби, како јавни дворови, плоштади и непривлечни локации што често ги посетуваме додека се движиме од едно место до друго. Овие простори неретко остануваат надвор од фокусот на урбанистите и градските планери, и токму поради тоа, граѓаните сами им даваат функција, користејќи ги за социјализација или како јавни простори.
Турата ќе опфати 2,5 километри и ќе трае околу 2 часа, при што учесниците ќе имаат можност да посетат локации кои ги отсликуваат и добрите и лошите примери за урбанистичко планирање во градот. Акцентот ќе биде ставен на простори кои или се одлично планирани и одговараат на потребите на граѓаните, или пак се запоставени поради негрижа, гентрификација или инвеститорски урбанизам, кои резултираат со небезбедни или неуредени области.
Ивана Драгшиќ, социолог и истражувачка, е водич на турата. Таа е активна во полето на заедничките добра и екофеминизмот, а нејзините интереси опфаќаат јавни простори, урбано зеленило и граѓанско учество. Покрај тоа, таа е авторка и уредничка на изданија од областа на заедничките добра, диџејка и аматерска уметничка/изведувачка.
Сите заинтересирани за учество на турата треба да ја пополнат апликацијата на следниот линк: https://forms.gle/souSZYAKjhSrTb5N6.