Перуанскиот претседател прогласи вонредна состојба во Лима поради пораст на насилството

Претседателот на Перу, Хосе Хери, прогласи вонредна состојба во главниот град Лима на период од 30 дена, во обид да го запре бранoт на насилство кој ја потресува земјата и предизвикува зголемени општествени немири, соопшти владата во Лима.

Во телевизиско обраќање до нацијата, Хери најави дека мерките ќе вклучуваат можност за распоредување на војската како поддршка на полицијата, како и ограничување на одредени уставни права, меѓу кои слободата на движење и собирање. „Војните се добиваат со дела, а не со зборови“, изјави тој, додавајќи дека владата преминува „од одбрана во офанзива“ во борбата против организираниот криминал.

Според податоците на полицијата, од почетокот на годината до крајот на септември во Перу биле регистрирани 1.690 убиства – значителен пораст во споредба со 1.502 во истиот период минатата година.

Одлуката за прогласување вонредна состојба следува по смената на поранешната претседателка Дина Болуарте на 10 октомври, откако Конгресот ја разреши поради неспособност да се справи со растечкиот криминал. Хери, кој тогаш ја извршуваше функцијата претседател на Конгресот, веднаш ја презеде претседателската должност.

Од тој момент, улиците на Лима и други градови станаа сцена на масовни демонстрации кои често завршуваат со насилство. Еден цивил го загуби животот, а повеќе од сто лица беа повредени, меѓу кои и полицајци и новинари.

И покрај немирите и повиците за негова оставка, Хери изјави дека нема намера да се повлече од функцијата. Протестите, кои траат веќе еден месец, започнаа со барања за повисоки плати и подобри пензии за младите, но прераснаа во пошироко движење против корупцијата, растечкиот криминал и општото незадоволство од политичката елита во земјата.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни