Перуански бискуп имал 17 љубовници – го разоткри љубоморна калуѓерка

Ватикан отвори истрага, бискупот поднесе оставка по откривањето на сексуален скандал што ја шокираше католичката црква во Перу

Перуанскиот бискуп Ќиро Киспе Лопез поднесе оставка до папата Лав откако ватиканска истрага потврди дека имал сексуални односи со најмалку 17 жени. Скандалот изби во јавноста откако неколку од жените, вклучително и една калуѓерка, дознале една за друга, што довело до отворен конфликт, физичка пресметка и целосно разоткривање на аферата, пренесува The Times.

Лопез, 51-годишен поранешен бискуп на епархијата Хулија во Перу, бил предмет на интензивна истрага од страна на Ватикан, која вклучувала интервјуа со најмалку три од неговите љубовници. Клучен сведок во процесот била и неговата домашна помошничка, која детално опишала што сè затекнала во спалната соба на бискупот.

Новинарката Паола Угаз, која имала увид во тајниот ватикански извештај, открила дека целата приказна започнала од љубомора меѓу љубовниците. „Една калуѓерка, која исто така имала интимни односи со бискупот, станала љубоморна на адвокатка со која тој се гледал паралелно, па испратила информации за неговите афери до трета жена – која потоа физички се пресметала со адвокатката“, изјавила Угаз.

„Сето ова звучеше како евтина сапуница, но всушност откри сериозна злоупотреба на моќ од страна на црковен великодостојник“, додала таа за The Times.

Повеќето од жените биле премногу исплашени да проговорат, бидејќи стравувале од одмазда и реперкусии. Дел од нив биле во подредена позиција во рамките на црквата, а некои и зависеле од Лопез во професионален или духовен контекст.

Истрагата ја поттикнале локални новинари, пред сè Кевин Монкада од перуанскиот весник Sin Fronteras, кој уште во април минатата година открил дека дошло до тепачка меѓу две жени – наводни љубовници на бискупот. „Тоа беше моментот кога случајот започна да излегува на површина. Жените почнаа да сфаќаат дека не се единствени и нивната реакција беше бурна“, изјавил тој за неделникот Hildebrandt.

Скандалот уште еднаш ги отвори прашањата за целибатот, моќта и злоупотребата во рамките на католичката црква, особено во земји каде верските институции имаат силно влијание. Од Ватикан засега нема официјална изјава покрај потврдата дека Лопез ја поднел оставката, која е веднаш прифатена.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни