Вкупно 36 кандидати за претседател на Перу ќе учествуваат во досега невидена телевизиска дебата што ќе се одржува шест дена по ред, соопшти Националното изборно повeренство на земјата.
Перуанците излегуваат на гласање на 12 април, кога повеќе од 27,3 милиони граѓани ќе избираат претседател, 130 пратеници и 60 сенатори.
Поради рекордниот број кандидати – што ја одразува силната фрагментација на политичката сцена во Перу – воведен е исклучителен формат на дебата. Секој ден ќе настапуваат по 12 кандидати, поделени во групи од по тројца во четири „мини-дебати“, соопшти Jurado Nacional de Elecciones (JNE).
Секој кандидат ќе има по два настапи во текот на шестдневните телевизиски соочувања.
Кој води во анкетите?
Според анкетите, во водство е поранешниот десничарски градоначалник на Лима, Rafael López Aliaga. Веднаш зад него е Кеико Фуимори истакната фигура на перуанската десница и ќерка на поранешниот претседател Алберто Фујимори.
На гласачкото ливче, долго дури 65 сантиметри, се наоѓаат и поранешен фудбалски репрезентативец, телевизиски комичар, како и кандидат кој се соочува со обвиненија за корупција.
Политичка нестабилност
Победникот на изборите ќе ја преземе функцијата на 28 јули и ќе го наследи привремениот претседател, кој стапи на должност минатата недела по отповикувањето на Хосе Јери.
Перу од 2016 година се соочува со хронична политичка нестабилност, менувајќи дури осум шефови на државата во изминатата деценија. Новите избори се гледаат како можност за стабилизација, но големиот број кандидати укажува дека политичката сцена останува длабоко поделена.