Фондацијата „Петар Кочиќ” Бања Лука – Белград му ја додели престижната награда Перото на Кочиќ за 2025 година на македонскиот писател и поет Христо Петрески за книгата „Обратна (филозофија на полжавот)”, објавена во издавачката куќа „Македонија презент” од Скопје.
Одлуката за наградата е донесена едногласно од жирито во состав: Никола Вуколиќ (претседател), Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ (членови), истакнувајќи дека збирката поезија на Петрески претставува моќно поетско дело кое комбинира симболизам, филозофски размислувања и јазична прецизност.

– Оваа книга не е само збирка на поетски текстови – тоа е мозаик од интимни исповеди, општествена критика, антрополошки набљудувања и егзистенцијални прашања. Петрески пишува едноставно, но длабоко, често преку народна мудрост и лирска филозофија, вели претседателот на жирито, Никола Вулолиќ.
Петрески, кој е роден во 1957 година во Крушево, е автор на бројни книги и добитник на голем број книжевни награди и признанија. Во збирката „Обратна (филозофија на полжавот)”, како што е наведено од страна на жирито, поетот се занимава со темите на моралните дилеми, секојдневните трауми, надежта и самоиспитувањето, со критика на општествената рамнодушност и слабостите.