Фотографирање за време на настанот е забрането
Кореографки: СИМОНА ДЕАКОНЕСКУ, ВАНЕСА ГУДМАН
Настапуваат: СИМОНА ДАБИЖА, МАРИЈА ЛУИЗА ДИМУЛЕСКУ
Оригинална музика: MONOCUBE
Дизајн на сцена: ЧИПРИЈАН ЧУКЛЕА
Уметнички советнички: ОЛИВИЈА НИЦИШ, МАРТА ДЕ МЕНЕЗИШ
Дизајн на продукција: ДИЈАНА МИРОШУ
Дизајн на светло и техничко управување: ХЕРМИНА СТАНЧУЛЕСКУ
Продукција и дистрибуција: АЛЕКСАНДРА МИХАЛ
Копродукција: TANGAJ COLLECTIVE, ACTION AT A DISTANCE, NATIONAL CENTRE FOR DANCE IN BUCHAREST
Кофинансирање: ADMINISTRATION OF THE NATIONAL CULTURAL FUND IN ROMANIA, CANADA COUNCIL FOR THE ARTS
Поддржувачи: BIOFRICTION, CULTIVAMOS CULTURA, PLASTIC ORCHID FACTORY, LEFT OF MAIN
Оваа изведба е овозможена со поддршка од Perform Europe, како дел од проектот Body Landscapes. An Ecofeminist Perspective., Министерство за култура на Република Северна Македонија и Фондацијата Хајнрих Бел.
КРАТОК ОПИС
Танцовиот перформанс BLOT – акроним за Body Line of Thought, во кореографија на Симона Деаконеску (Романија) и Ванеса Гудман (Канада), го истражува движењето во однос на бактериите во нашето тело. Перформансот го претставува телото како меѓусебно поврзан систем, истовремено и силен и кревок.
Осмислен како хибридна претстава, спој на конференција и кореографска изведба, BLOT зборува за сличностите меѓу луѓето и животните – потење, мирис, репродукција, физичка активност и имунитет. Перформансот се осврнува на начинот на кој бактериите влијаат на овие процеси и нè поврзуваат со планетата, како на микро така и на макро ниво.
По случувањата што ја дефинираа поновата историја на нашата интеракција со животната средина, потребно е телото да се гледа како систем што не може да постои одвоено од мноштвата што ги содржи. Ослободено од општествените значења определени од јазикот, во BLOT телото се преосмислува низ дијалог за нашата коегзистенција со микробиолошките суштества. Двете изведувачки работат со наизглед невидливи врски, но без кои човечкиот организам не би можел да функционира.
BLOT го анализира човековото постоење преку меѓусебна зависност и контрола, фокусирајќи се на тенката линија помеѓу она што е корисно и она што е токсично. Нашите тела имаат единствени микробни отпечатоци, кои го дефинираат нашиот идентитет. Нашата социјална кореографија често е предизвикана од потребата за рамнотежа помеѓу внатрешниот и надворешниот свет, што постојано ја нарушуваме.
ИСТРАЖУВАЊЕ
BLOT започнал во 2020 година за време на резиденција во Cultivamos Cultura во Сао Луис, Португалија, откако двете кореографки биле избрани за резидентни уметници во рамки на Biofriction, европски BioArt проект, кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Изолирани во природниот резерват, Симона Деаконеску и Ванеса Гудман научиле како да одгледуваат култури од сопствените бактерии и да ги набљудуваат под микроскоп. Потоа го следеле процесот на развој на овие култури со текот на времето. Главниот интерес им бил дали бактериите ќе се променат поради процесот на контаминација.
Бидејќи заедно живееле, работеле и проучувале, двете танцови уметници сакале да видат колку ќе се променат нивните анатомски и социјални навики. Се појавиле прашања за врската помеѓу бактерискиот отпечаток, имунолошкиот систем и социјалниот идентитет. Заклучоците до кои дошле и мислите што произлегле се основата на уметничкиот проект и неговите драматуршки столбови.
Од самиот почеток, значајни уметници дале свој придонес за создавањето и развојот на проектот. Оливија Нициш (романска кураторка за современа уметност) и Марта де Менезиш (португалска биоуметница и кураторка) се вклучиле како советнички на двете кореографки.
Солта служи како средство за реструктуирање, прочистување и поврзување. Човечкото тело не може да преживее без натриум. Солта е заедничка за сите, од океанот до почвата и телото, и суштински го поддржува животот на Земјата. Во BLOT, дина од сол создава уште едно тело на сцената. Нашиот систем за потење го дефинира нашиот биолошки идентитет преку единствениот мирис на телото создаден од бактериите. Во текот на 40-минутната изведба, уште една мала дина од сол се создава на сцената со помош на уред што виси од таванот.
Пред секоја изведба, двете изведувачки одгледуваат култури од своите телесни бактерии во агар-агар во текот на еден месец, а содржината од Петриевиот сад ја визуелизираат за време на перформансот. Овој процес генерира кореографирани слики од нивната микробна култура што се прикажуваат на ТВ екран. Сликите прикажуваат микросвет кој, кога е изложен, изгледа како макро пејзаж од непознат, вонземен свет.
BLOT користи идеи позајмени од анатомијата, пренесувајќи го телото во состојби на повторување, флуидност, сочувствување и емпатички реакции. Во BLOT, движењето е минливо присуство и интерсубјективно искуство. Преку овој метод, уметниците тестираат различни начини на живеење во однос на природата, кои влијаат на неа и кои се под нејзино влијание.
ТРАЕКТОРИЈА
Во текот на изминатите години, перформансот беше изведен на фестивали низ Романија, Канада, Мексико, Шведска, Полска и Бугарија, стекнувајќи признание на престижни меѓународни платформи. Особено се издвојува учеството во официјалната програма на Internationale Tanzmesse 2024 како една од 20-те селектирани изведби, како и изборот во Топ 10 продукции на Moving Balkans. Во 2025 година перформансот ќе биде изведен во девет земји низ Балканот и Централна Европа, како дел од проектот Body Landscapes. An Ecofeminist Perspective, поддржан од Perform Europe. Наесен во 2025 година, BLOT ќе замине на турнеја низ шест градови во Канада и во САД.
Оваа изведба е овозможена со поддршка од Perform Europe, како дел од проектот Body Landscapes. An Ecofeminist Perspective., Министерство за култура на Република Северна Македонија и Фондацијата Хајнрих Бел.
Perform Europe, со поддршка од Европската Унија, е програма за финансирање на европскиот сектор за изведувачки уметности. Овозможува меѓународно вмрежување и поддржува инклузивни, разновидни и еколошки одржливи патувачки проекти низ 40-те земји на програмата Креативна Европа. Perform Europe промовира практики засновани на одржливост и инклузивност, со цел да го трансформира секторот за изведувачки уметности и да обезбеди рамномерна дистрибуција низ целиот континент.
Програмата Perform Europe е кофинансирана од програмата Креативна Европа на Европската Унија, а ја спроведува конзорциум од шест организации: IETM – International network for contemporary performing arts, European Festivals Association (EFA), Circostrada, European Dance Development Network, Pearle * – Live Performance Europe и IDEA Consult.