Перевскит: „чудесниот материјал“ што може засекогаш да ја промени соларната енергија

Во лабораторија на периферијата на Оксфорд, научници тестираат мали соларни ќелии кои би можеле да ја предизвикаат следната голема револуција во енергетиката.

Материјалот што ги возбуди научниците и инвеститорите се вика перевскит – кристална структура што ветува повеќе енергија од помалку сонце, по пониска цена од било кога досега.

Перевскитот, откриен во 19 век во планините Урал, денес се создава синтетички и може да се произведува од евтини и достапни елементи како бром, олово и калај. Кога се комбинира со силициум, тој создава т.н. „тандем соларни ќелии“, кои апсорбираат поширок спектар на светлина и го зголемуваат капацитетот за производство на електрична енергија за повеќе од 47% — речиси двојно повеќе од класичните силициумски панели.

Компанијата Oxford PV, спин-оф од Универзитетот во Оксфорд, веќе произведува вакви панели во својата фабрика во Германија. Во 2024 година, тие поставија светски рекорд со 26,9% ефикасност кај панели со стандардна големина за домаќинства. Првите тест серии од 100 киловати се веќе инсталирани на соларна фарма во САД.

Главната предност на перевскитот е неговата лесна изработка и исклучителна ефикасност, но научниците се соочуваат со голем предизвик – издржливоста. Материјалот е чувствителен на топлина и влага, што може да ја намали неговата трајност. За да го решат тоа, лабораториите спроведуваат интензивни „тестови на стареење“, симулирајќи години користење за неколку недели.

Иако содржи минимални количини олово, експертите велат дека ризикот е далеку помал од оној при согорување на јаглен, а решението се гледа во ефикасно рециклирање.

Со глобалниот раст на соларната енергија – која денес обезбедува околу 7% од светското производство на електрична енергија – перевскитот би можел да биде клучниот чекор кон поефикасен, почист и поевтин енергетски систем.

Компании како Caelux во САД и Trina Solar во Кина веќе постигнаа рекорди над 30% ефикасност, а некои иноватори тестираат панели кои можат да се вградуваат во прозорци, автомобили или дури во сателити.

„Соларниот сектор се движи кон тандем технологијата – тоа е неизбежно и ќе биде целосно трансформативно“, вели Скот Грејбиел, директор на Caelux.

Ако перевскитот се покаже стабилен и во реални услови, човештвото можеби е чекор поблиску до сончевата ера во која секој покрив, автомобил или прозорец станува извор на енергија.

Извор:BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни