Пентагон одбива да ја објави снимката од напад на брод на Карибите

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги отфрли повиците за јавно објавување на видео-снимка од американски напад врз брод осомничен за шверц на дрога на Карибите, извршен во септември, при кој двајца мажи го преживеале првиот удар, по што следел втор напад.

Хегсет изјави дека снимката нема да биде објавена за јавноста, повикувајќи се на долгогодишната политика на американското Министерство за одбрана за ракување со строго доверливи материјали. Според него, целосниот и неуредуван видео-материјал ќе биде прикажан исклучиво пред надлежните конгресни комисии.

Нападот бил извршен на 2 септември, во рамки на американските операции за сузбивање на наводното криумчарење дрога во регионот. Според медиумски извештаи, по првичниот удар на бродот, биле издадени наредби за втор напад врз двајцата преживеани, што американскиот адмирал Френк Бредли, задолжен за операцијата, ги демантираше.

Сепак, правни експерти предупредуваат дека вториот напад можеби претставува прекршување на меѓународното право. „Вашингтон пост“ објави дека двајцата мажи во моментот на повторниот удар се држеле за остатоците од бродот и не претставувале непосредна закана.

Од септември наваму, американските сили извршуваат напади врз бродови на Карибите и во источниот Пацифик за кои тврдат дека се вклучени во трговија со дрога, повикувајќи се на разузнавачки проценки. Војската, сепак, не објави јавни докази што би ги поткрепиле овие тврдења.

Американските медиуми наведуваат дека во досегашните операции загинале повеќе од 90 лица. Експерти на Обединетите нации за човекови права предупредија дека ваквите акции би можеле да претставуваат прекршување на меѓународното право, опишувајќи ги убиствата како незаконски вонсудски егзекуции.

Демократскиот сенатор Ричард Блументал оцени дека американската јавност има право да ги види видео-снимките од операциите. Според него, задржувањето на доказите ја поткопува довербата и кредибилитетот на целата мисија.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни