Пентагон со нова стратегија: заштитата на територијата на САД станува врвен приоритет

Новата Национална одбранбена стратегија означува остар пресврт – фокусот се пренасочува кон западната хемисфера, додека Европа се оценува како сè помалку значајна.

Пентагон во петокот вечерта ја објави долгоочекуваната Национална одбранбена стратегија, во која како врвен приоритет се поставува заштитата на територијата на Соединети Американски Држави и западната хемисфера. Документот означува значаен пресврт во однос на политиките на претходните администрации и е во согласност со неодамнешните воени потези на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучувајќи ги ударите во Венецуела и напорите на Вашингтон околу Гренланд.

Новата стратегија, која претставува драматично отстапување дури и од првата администрација на Трамп, повеќе не е примарно фокусирана на сузбивање на Кина. Наместо тоа, во документот се обвинуваат претходните влади дека ги занемариле американските интереси и го довеле во прашање пристапот на американската војска до клучни точки како Панамскиот канал и Гренланд.

Стратегијата повикува на напуштање на „грандиозните стратегии“ и на фокусирање на, како што се наведува, „практичните интереси“ на американската јавност.

Европа во втор план

За разлика од Националната безбедносна стратегија објавена минатиот месец, документот на Пентагон не става силен акцент на Европска Унија ниту ја опишува Европа како простор на „цивилизациско пропаѓање“. Сепак, јасно се наведува дека континентот се смета за сè помалку значаен во глобалната рамнотежа на моќ.

„Иако Европа останува важна, нејзиниот удел во глобалната економска моќ е помал и во постојан пад“, се наведува во стратегијата. „САД ќе останат ангажирани во Европа, но приоритет ќе биде одбраната на американската територија и одвраќањето на Кина.“

Фокус на западната хемисфера и Пацификот

Документот, чие објавување доцнеше со месеци, истакнува дека САД повеќе не треба да дозволат губење на влијание во клучни области од западната хемисфера, вклучувајќи го и Мексиканскиот залив, иако не нуди конкретни детали за тоа како Пентагон планира да ја спроведе таа цел.

Во однос на Кина, стратегијата предвидува продолжување на дипломатските напори, но и воспоставување силна „одбранбена бариера“ во Пацификот со цел одвраќање на можен конфликт. Не се прецизира какви воени капацитети би биле распоредени во регионот.

Заканите што доаѓаат од Русија, Иран и Северна Кореја се спомнати во документот, но не се ставени во прв план.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни