Претставници на Пентагон на затворени состаноци со персоналот на американскиот Конгрес изјавиле дека немало разузнавачки податоци кои укажуваат дека Иран планирал прв да ги нападне американските сили, објави Ројтерс, повикувајќи се на два извора запознаени со прашањето.
Изјавите биле дадени за време на брифинзи одржани по најобемните американско-израелски напади врз Иран во последните децении. Според официјални претставници, во тие операции бил убиен и врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, потопени биле ирански воени бродови и погодени повеќе од 1.000 цели.
Сепак, признанието дека немало директни разузнавачки докази за непосреден ирански напад врз САД го доведува во прашање еден од клучните аргументи на администрацијата за започнување на воените операции. Ден претходно, високи функционери изјавија дека претседателот Доналд Трамп одлучил да ги покрене нападите делумно поради индикации дека Иран можел „превентивно“ да ги нападне американските сили на Блискиот Исток.
Според изворите за Ројтерс, на брифинзите било нагласено дека иранските балистички ракети и сојузничките милиции во регионот претставуваат непосредна закана за американските интереси, но не и дека постоел план за првичен напад врз американските сили.
Трамп изјави дека целта на нападите, за кои се очекува да траат со недели, е да се спречи Иран да дојде до нуклеарно оружје, да се ограничи неговата ракетна програма и да се елиминираат заканите кон САД и нивните сојузници. Тој исто така ги повика иранските граѓани да се кренат против владата.
Демократите, пак, го обвинуваат Трамп дека води „војна по сопствен избор“ и ги доведуваат во прашање аргументите за прекинување на мировните преговори, за кои посредникот Оман претходно оценил дека имаат изгледи за успех.
Американската војска соопшти дека од почетокот на операциите биле погодени повеќе од 1.000 ирански цели, вклучително и утврдени подземни ракетни објекти, нападнати со бомбардери Б-2 и бомби од 900 килограми. Во конфликтот загинале тројца американски војници, петмина се тешко повредени, а неколку други имаат полесни повреди.
Анкета на Reuters/Ipsos покажува дека 27 отсто од Американците ги одобруваат нападите, 43 отсто не ги одобруваат, додека 29 отсто се неопределени.
Прашањата за правната основа и оправданоста на воените операции се очекува да бидат во фокусот на дебатите во Конгресот и меѓу сојузниците на САД, додека воените активности во регионот продолжуваат.