Министерот за одбрана на Соединетите Американски Држави, Пит Хегсет, нареди распоредување на носачот на авиони „Џералд Форд“ и придружните воени бродови во областа на Јужната команда на САД (USSOUTHCOM), објави денес Пентагон.
„Зголеменото присуство на американските сили во зоната на одговорност на USSOUTHCOM ќе ја зајакне способноста на САД да откриваат, следат и спречуваат нелегални актери и активности што ја загрозуваат безбедноста и просперитетот на татковината и нашата безбедност на Западната хемисфера“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, во објава на социјалната мрежа X, објави Ројтерс.
Парнел не прецизираше кога носачот на авиони ќе биде префрлен во регионот.
Зоната на одговорност на Јужната команда ги вклучува Карибите и Јужна Америка.
Во таа област, според Блумберг, администрацијата на Трамп распоредила повеќе од 4.000 морнари и маринци, како и најмалку три разорувачи и еден крстосувач со наведувани ракети, за да нападнат наводни бродови на нарко-картели покрај брегот на Венецуела.
