Двесте војници на Националната гарда на САД ќе бидат распоредени во Портланд, Орегон, објави денеска Пентагон, пренесоа француските медиуми.
Медиумите забележуваат дека ова е дел од кампањата против криминалот во големите градови управувани од демократите, преземена од американскиот претседател Доналд Трамп.
Војниците „ќе бидат повикани да служат на федерално ниво во период од 60 дена за да ги заштитат службениците за имиграција и царинска контрола на САД и другиот персонал што извршува федерални задачи“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, во соопштението.
Доналд Трамп, кој веќе распореди војници во градови управувани од демократите како што се Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, се закани претходно овој месец дека ќе ја испрати Националната гарда во Портланд, каде што имаше големи протести во 2020 година за време на неговиот прв мандат во врска со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, убиен од полицаец во Минеаполис.
Во неговата наредба од саботата за распоредување војници во Портланд, каде што протестите против имиграциската полиција се одржуваат веќе неколку месеци, американскиот претседател одобри „употреба на максимална сила доколку е потребно“.
Државните службеници на Орегон вчера поднесоа тужба за да ја блокираат наредбата, тврдејќи дека одлуката е „мотивирана од желбата на Трамп користењето на војската за рутински активности за спроведување на законот да стане вообичаена пракса “, особено во градовите управувани од неговите политички противници.
Во својата жалба, државните службеници на Орегон, исто така, тврдеа дека нема потреба од распоредување на Националната гарда во Портланд бидејќи протестите против имиграциската полиција таму беа мирни и ограничени по обем, спротивно на тврдењата на Трамп.
Американскиот претседател ја направи борбата против нелегалната имиграција апсолутен приоритет, зборувајќи за „инвазија“ на САД од страна на „криминалци од странство“ и широко застапувајќи ја депортацијата на мигрантите, за што имиграциската полиција е една од неговите главни алатки, забележуваат француските медиуми.