Пентагон: Американскиот министер за одбрана Хегсет ја загрозил воената операција

Надзорниот орган што го следи работењето на Пентагон утврдил дека министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, го довел во ризик американскиот персонал и текот на воена мисија во Јемен, споделувајќи осетливи информации преку апликацијата за размена на пораки Signal.
epa11890738 US Defense Secretary Pete Hegseth at the start of the Ukraine Defense Contact group meeting at NATO headquarters in Brussels, Belgium, 12 February 2025. EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Ова го пренесуваат две лица запознаени со содржината на извештајот.

Иако Хегсет има овластување да декласифицира материјали, надзорниот орган не утврдил дека тоа го сторил неправилно. Сепак, се констатира дека ја прекршил политиката на Пентагон со тоа што користел личен уред за службени комуникации, па е препорачана подобра обука за сите високи функционери.

Министерот одбил да биде лично сослушан од генералниот инспектор, но доставил писмена изјава во која тврди дека имал право да декласифицира информации и дека преку Signal споделил само детали што, според него, „не ја загрозувале мисијата во Јемен“.

Зголемен притисок врз Хегсет

Овие наоди доаѓаат во момент кога притисокот врз министерот расте. Законодавци веќе побараа независна истрага за неговата употреба на апликацијата Signal, која не е дел од безбедната комуникациска мрежа на Пентагон.

Дополнителни сомнежи се појавија и по медиумските написи дека на 2 септември, при втор налет на американски воени бродови врз пловило осомничено за шверц на дрога во Карипскиот басен, биле убиени неколку лица кои преживеале од првиот напад. Тврдењата се засноваат на наводна усна наредба од Хегсет: „сите да бидат убиени“.

Министерот го оправда нападот како „дел од маглата на војната“, наведувајќи дека не забележал преживеани и дека конечната одлука ја донел надлежниот адмирал.

Signal – недозволена платформа за чувствителни податоци

Во извештајот се наведува дека Хегсет во најмалку две одделни комуникациски групи на Signal споделил прецизни временски податоци за полетување на борбени авиони и почеток на бомбардирање, и тоа пред започнување на операцијата.

Неговото користење на апликацијата било откриено по случајна грешка, кога новинарот Џефри Голдберг од „Атлантик“ бил по грешка додаден во групата, што го сторил тогашниот советник за национална безбедност Мајк Волц.

Во групата се наоѓале и високи политички и безбедносни функционери, потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, директорката на Националната разузнавачка служба Тулси Габард и други.

Хегсет дури креирал уште една група со 13 лица, меѓу кои и негови блиски роднини, споделувајќи ги истите информации, пренесе АП.

Иако Signal користи енкрипција, тој не е дизајниран за пренос на доверливи воени податоци и не е дел од безбедните системи на Пентагон.

Пентагон: „Случајот е затворен“

Пентагон официјално соопшти дека резултатите од инспекцијата претставуваат „целосно ослободување на министерот Хегсет од одговорност“, додавајќи дека „предметот е решен и затворен“.

Сепак, политичкиот притисок и барањата за независна истрага продолжуваат, бидејќи критичарите оценуваат дека откриените пропусти отвораат сериозни прашања за безбедноста и професионалните стандарди во врвот на американската одбрана.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни