На 14 мај со почеток во 20 часот, во културниот простор Јавна соба ќе се одржи поетско – музички перформанс со читање на песни од последните две книги на македонскиот истакнат колумнист, поет и преведувач, Тихомир Јанчовски. Мултимедијалниот настан, ќе биде придружен од музика компонирана од Зоран Тортевски и визуелни илустрации од Будимка Поповска.
Неодамна објавените книги на Јанчовски, „Пристоен предлог“ и „Пеколот е мало место“ за прв пат ќе бидат промовирани пред пошироката јавност, а ова ќе биде и нивна прва изведба во живо. Дел од песните, напишани од авторот, се песни кои биле напишани за антологискиот музички состав Мизар, токму за вокалот на Зоран Тортевски.
Катизмата, ќе биде изведена од страна на воведничарот Тања Аждаја, која се јавува и како уредник на изданијата, додека стиховите ќе ги прочитаат Тихомир Јанчовски и Зоран Тортевски. Музичка поддршка за настанот овозможија Ристо Апостолов (гитара) и Добрила Грашеска (вокал). Визуелната поддршка ќе ја реализра уметникот Владимир Лукаш, додека одјавата ќе биде изведена од Душко Крстевски, кој е и автор на поговорот.
Издавач на книгата “Пеколот е мало место” е издавачката куќа Макавеј.