Во Пекинг почнаа да дуваат силни студени ветрови, налик на тајфуни, кои ги погодија северните региони на Кина, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот и затворање на некои историски локалитети.
Ветровите кои доаѓаат од Монголија предизвикаа пад на температурата за повеќе од 12 степени Целзиусови, пренесува Ројтерс.
Ударите на ветерот достигнале брзина од 150 километри на час, а дожд, град и снег зафатија различни делови од Кина.
Пекинг издаде предупредување за бура од највисоко ниво – прво вакво во последните десет години – и им препорача на околу 22 милиони жители да избегнуваат непотребни патувања, поради опасноста од рекордно силни ветрови кои би можеле да ги надминат оние од 1951 година.
До 11:30 часот, беа откажани 838 летови на двата главни аеродроми во Пекинг, а популарни историски локалитети и паркови беа затворени. Исто така, за да се заштитат старите дрвја, беше извршено нивно кастрење.
Силните ветрови доведоа и до одложување на полумаратон кој беше планиран за недела, а на кој требаше да се натпреваруваат хуманоидни роботи заедно со луѓе. Покрај тоа, бурата влијаеше и на патувањата во неколку провинции, од Внатрешна Монголија до реката Јангце.
Извор: Танјуг